Поранешните амбасадори на САД во Македонија, Кристофер Хил и координатор на Пактот за стабилност Ерхард Бусек се разочарани од бавната интеграција на Република Македонија во Европската унија и НАТО. Сметаат дека меѓународната заедница не е фер кон Македонија која долго време стои пред нивните портите.
– Мислам дека е штета што работите не се придвижуваат нанапред. Јас сум екстремно критичен по ова прашање, особено кон земјите членки на ЕУ кои треба да извршат притисок кон своите партнери, посебно кон Грција за да се придвижат работите нанапред. Сметам дека сегашната ситуација не е фер кон Македонија која е значајна не само како место на карта, туку генерално, изјави денеска Бусек на паузата од ротари конференција насловена „Иднина на регионот“ што се одржува во Охрид.
Поранешниот амбасадор на САД во Македонија и актуелен професор на Универзитетот во Денвер, Хил рече дека е фрустриран од бавните евроинтеграции ситуацијата во која се наоѓа Македонија.
– Како многу луѓе и јас сум по малку фрустриран од бавното темпо на евроинтеграции на Македонија. Се надевам дека Македонија ќе забрза на патот кон ЕУ и НАТО и дека ќе има нови напори во таа насока и попрактичен пристап кон остварување на оваа цел, нагласи Хил.
Тој подвлече дека е многу важно Македонија да се интергира во меѓународните структури, затоа што фрустрациите кои постојат кај граѓаните можат да се продлабочат во негативни чувства кон евроатлантските интеграции.
– ЕУ не е чудотворен лек кој може да ги излекува сите проблеми на Македонија, но секако може да помогне. Не ја обвинувам Македонија бидејќи за танго се потребни двајца. Сметам дека е потребно да се стави акцент на дипломатијата за решавање на проблемот со јужниот сосед. Се надевам дека тоа ќе биде врвен приоритет затоа што од исклучителна важност за иднината на Македонија е таа да се интегрира во ЕУ и НАТО, рече Хил.
Проблемот кој го има Македонија, според него, ако се гледа глобално не е голем, имајќи предвид што се случува во Сирија, Авганистан или Пакистан, кон каде се насочени напорите на меѓународната заедница. Но, очекува поактивен пристап од Вашингтон и ЕУ во решавање на проблемот со кој се соочува Македонија. Според Хил, и Македонија треба да покаже поголема иницијатива, а не да чека некој од страна да ги реши нејзините проблеми.
Покрај Бусек и Хил на конференцијата учествуваат околу 250 „ротаријанци“ од Албанија, Бугарија, Северна Грција, Србија, Турција, Црна Гора, Косово и Македононија, како и реномирани членови на Ротари и експерти од светот.
Целта на конференцијата е испраќање порака за пријателство и мир од земјава, за економска соработка и грижа за младите генерации.