Испораката на вакцини против Ковид-19 до најсиромашните земји во рамки на системот Ковакс ќе доцни затоа што Индија не дава дозвола за извоз на препарати од таа земја, каде е зголемена домашната побарувачка за вакцини, соопшти Меѓународната алијанса за вакцини Гави.
Испораките ќе се одложат бидејќи не се добиени лиценци за извоз за дополнителни дози на вакцини произведени од индискиот Институт Серум (СИИ) и кои требаше да бидат испратени во март и април, изјави за Франс прес портпаролот на Гави, пренесува Бета.
Гави, заедно со Светската здравствена организација и Коалицијата за иновации во подготовките за епидемии (Цепи), ја води програмата Ковакс.
Портпаролот додаде дека доцнењето во издавањето на лиценците за извоз се должи на зголемената побарувачка за вакцини во Индија, каде се доцни со програмата за вакцинација и расте бројот на заразени.
Ковакс е во преговори со индиската влада за да се обезбеди испорака што е можно побрзо, рече портпаролот.
Меѓународниот систем Ковакс годинава планира да достави вакцини на 20 проценти од населението во речиси 200 земји и територии и вклучува механизам за финансирање за помош на 92 сиромашни земји.
Според договорот, индискиот институт треба да обезбеди за Ковакс вакцини на АстраЗенека, кои се произведуваат во Индија, за 64 сиромашни земји, а за возврат да добијат средства за проширување на производствените капацитети на индискиот институт, рече портпаролот.
– Институтот се обврза да даде предност на мултилатералната програма Ковакс за еднаква дистрибуција паралелно со снабдувањето со Индија, потенцираше портпаролот.