Бројот на самопопишани во дијаспората вчера изнесуваше 137.114 лица, што претставува зголемување на вкупната бројка од 7.102 за само еден ден, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во Швајцарија се над 45.000, Германија 31.000, Италија 19.000, САД 5.100, Австралија 1.682 и Канада 1.215.
Самопопишувањето на дијаспората е во тек од 1-ви март, а ќе заврши на 21-ви април.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски, кои вчера имаа работна средба посветена на тековните активности поврзани со самопопишувањето на македонските државјани, се задоволни од досегашниот одѕив и очекуваат оваа бројка да се зголемува постојано.
Портпаролот на Владата Душко Арсовски, вчера на прес-конференција потенцира дека учеството во пописот е задолжително, кривично се одговара само за поттикнување на бојкот на статистичката операција, тие што ќе одбијат да се попишат ќе им биде почната прекршочна постапка, а казните се до 300 евра.
-Повикот и бојкотот на пописот е кривично дело. Тоа е исто што и организирање отпор и непослушност кон законити одлуки и мерки на државен орган опфатени со членот 387 од Кривичниот законик. Предвидува парична казна или затвор до три години за оној што ќе организира други на отпор и на непослушност. Ако, пак, поради делото не е спроведно, или е значително отежнато спроведувањето на законита одлука или мерка или ако делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години, рече Арсовски, цитиарјќи го и членот 387 од Кривичниот законик.
Потсети дека за Пописот 2021, за спроведување на теренскиот дел беа потребни 5.055 попишувачи и 550 реонски инструктори. На конкурсите се пријавиле над 10.000 граѓани и обезбеден е потребниот број за почнување на пописните активности и за распределба на сите пописни кругови. Арсовски информира дека во тек е селекцијата на пријавените на последниот конкурс за попишувачи, од нив во 30 реони веќе се избрани и се подготвуваат договори.
Во меѓувреме започна обуката за реонските инструктори од Делчево, Македонска Каменица, Тетово, Боговиње, Гостивар, Дебар и Центар Жупа.
Обуката за реонските инструктори кои ќе вршат попис за реонот на Делчево и Македонска Каменица е предвидена да трае три дена, по завршувањето на обуката за инструкторите в сабота тие ќе ги добијат своите лаптопи, по што в недела ќе можат да започнат со предвидената обука за реонските попишувачи.
Согласно со податоците на Општинската пописна комисија за реон 2 за општините Делчево и М. Каменица, а врз основа на успехот од тестирањето, територијалната распространетост, правичната застапеност и социјалната структура, од претходно пријавените кандидати избрани се 72 попишувачи, 7 инструктори и 7 резеревни попишувачи или вкупно 86 учесници во пописот.
Пописен реон 32 каде се опфатени населените места при општините Тетово и Боговиње е најголемиот пописен реон во полошкиот регион со вкупно 300 пописни кругови за кои е предвидено пописот да го спроведат 242 попишувачи. Нивната работа при пописот на населението и домаќинствата ќе ја контролираат 24 реонски инструктори. Од 242 попишувачи, 182 се Албанци, 49 Македонци, шест се Турци и пет се Роми. Од 24 пописни инструктори 17 се Албанци, пет се Македонци и по еден Ром и Турчин.
Во пописен реон 33 се опфатени населените места од општините Теарце и Јегуновце, додека во пописен реон 34 се населени места од општините Желино и Брвеница.
И подгoтoвките за пописот во гостиварскиот регион се одвиваат според предвидената динамика. За да се спроведе пописот во општина Гостивар потребни се 187 попишувачи и 19 инструктори.
Пополнет е потребниот број попишувачи и за пописен реон 24, кој ги опфаќа општините Дебар и Центар Жупа, потврди за МИА, претседателот на пописната комисија Решат Ќормемети.
-Имавме недостиг на 15 попишувачи Албанци, но по третиот оглас за ангажирање попишувачи, за претстојниот попис на населението, домаќинствата и становите, сега потребниот број е обезбеден. Тоа значи дека сега го имаме потребниот број од 73 попишувачи, од нив 62 за на терен, додека 11 ќе бидат во резерва. Претходно беа обезбедени шесте инструктори, колку што и се бараа, изјави Ќормемети.
Додава дека останатиот број од попишувачи се 13 Македонци, 16 Турци и двајца Роми. Според Ќормемети во тек е обуката за инструктори, која се одржува во Дебар, а следните денови ќе почне и обуката за попишувачи, која ќе се одвива во групи, во Дебар и во Центар Жупа.
Во меѓувреме градоначалниците на двете општини, Хекуран Дука, на Дебар и Аријан Ибраим на Центар Жупа, ја повикаа многубројната дијаспора да се попише преку електронската апликација.
И додека дијаспората се попишува и течат подготовки за претстојниот попис, опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одложување на пописот поради пандемијата предизвикана од Ковид-19, а одредени политички структури и граѓански движења повикуваат на бојкот, премиерот Зоран Заев вчера повторно дециден дека пописот нема да се одложи. Апелираше сите граѓани дома и во дијаспората да учествуваат во оваа статистичка операција и да ја исполат граѓанската обврска кон државата. Одложувањето, рече, е беспредметно, затоа што, како што истакна, никој не може да гарантира дали наесен или следната пролет состојбата со пандемијата нема да биде иста како сега.
Според него, законот е јасен, во него е регулирана одговорноста, но пред се, треба да биде граѓанската одговорност пред државата.
Тој истакна дека има решение и доколку се случи некои од комисиите да бидат заразени од коронавирусот.
-Ако не стигнеме до 21 април и пописната општинска во Чаир или Струмица е заразена може да се одложи за 14 дена, може да се пролонгира делот на самото попишување. Може да се најдат начини само пописот треба да се одржи. Ако одложиме за есента може да имаме исти бран како сега, ако до пролетта догодина може да има исти бран како сега, истакна премиерот Зоран Заев.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби на вчерашната средба со претставници на турската заедница во земјата упати апел и тие да се вклучат во пописните активности во државата, а масовно да се регистрираат за да се пренесе пораката за важноста на овој процес.
Груби се сретна и со претставници на ромската заедница во Република Северна Македонија.
-Разговорот помеѓу Груби и претставниците на ромската заедница е фокусиран на важноста на пописот на населението и со посебен акцент кај ромската заедница која мора да биде активирана за исполнување на оваа граѓанска обврска, додека пораката до нив ќе биде пренесена преку личности кои имаат влијание, се вели во соопштението од кабинетот на Груби.
Пописот е многу значајна статистична операција за урбанизација и идни планирања во сите региони низ дражавата, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вчера во Општина Ресен. Ги повика граѓаните на Преспа да се попишат во предвидениот период и нагласи дека точните демографски податоци имаат значајна улога во планирањето и развојот на градовите и државата.
– Прашањето на пописот е многу значајно заради урбанизацијата и идните планирања во сите региони низ државата. Демографските податоци, карактеристики и параметри даваат значајна улога во планирањето на идниот развој на државата и градовите, инфраструктурата, протокот на возила и за развој на генералните и деталните урбанистички планови, рече Бочварски.
Сепак, за ВМРО – ДПМНЕ пописот е политичка операција во која освен партиите на власт, како што велат, се вклучија и сите наши соседи. Од оваа партија сметаат дека овој попис се спроведува спротивно на сите методологии и стандарди на Евростат и нема да даде релевантна и реална слика, врз основа на која може да се градат политики, туку напротив, подвлекуваат, е обичен пазар на Зоран Заев за продолжување на неговата политичка кариера.
Фаница Николоска, пратеничка на СДСМ оценува дека пописот е важен за идниот развој на државата, а бојкот на пописот е кривично дело
Преку оваа најмасовна и најсложена операција кончено, истакнува таа, ќе добиеме релевантни, сеопфатни податоци кои ќе ги дадат правците за креирање ефикасни јавни политики за развој. Со податоците од пописот, смета Николоска, добиваме патокази за остварување одржливи политики кои во себе носат економска, социјална и образовна димензија.
– Обидите за бојкот, за минирање на пописот не се само незаконски, тие се антидржавни. Повиците за бојкот и одлагање на пописот што често ги слушаме од политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица се повици за пропаѓање на пописот. Тоа се антидржавни ставови кои не носат ништо добро, создаваат конфузија меѓу граѓаните и носат сериозна штета за државата. Бојкотот на пописот е кривично дело, вели пратеничката Николоска.
Пописот во земјава треба да се одржи од 1 до 21 април. Во моментов во тек е попишувањето на дијаспората што започна на 1 март и ќе заврши на 21 април. Последниот попис е одржан во 2001 година.