Традиционалната парада и смотра на воените единци се одржа денеска во Лондон во чест на службениот роденден на кралицата Елизабета Втора.
На оваа манифестација присуствуваше кралицата, заедно со членовите од нејзиното најблиско семејство, но не и принцот Филип, кој веќе една недела се наоѓа во болница, откако врз него беше извршена хируршка интервенција во пределот на стомакот.
Преку илјада војници и коњи учествуваа во парадата, која ја следеа илјадници Британци, како и голем број домашани и странски туристи.
Оваа традиционална смотра на кралските воени сили се одржува уште од 18. век. Првично смотрата била извршувана пред заминувањето на трупите во борба, но од 1748 година смотрата со парада на војниците се врзува за службениот роденден на британскиот суверен.
На денешната парада во кралска кочија, заедно со војводката од Корнвол, Камила Паркер, сопруга на престолонаследникот Чарлс и со принцот Хари, за последен пат во јавноста се појави Кетрин Мидлтон, војводката од Кембриџ, која во наредните недели се очекува да се породи.
Кралицата Елизабета е родена на 21 април и таа тогаш наполни 87 години, но нејзиниот службен роденден секогаш се одбележува во јуни. Принцот Филип, во болничка постела, минатата недела наполни 92 години.