Сè уште нема решение за одблокирање на работата на Парламентот и изгласување на законите од економскиот пакет антикризни мерки.
И додека пратениците од власта и опозицијата се натегаат кој е во право, 36-тата седница, на која се законите за помош на погодените сектори од пандемијата, е одложена на неодреден временски период. Пратеникот Павле Трајанов предупреди дека ако потрае блокадата, тоа би довело до прогласување вонредна состојба, за да може Владата со уредби со законска сила да го донесе пакетот економски мерки.
Но, Трајанов рече дека оваа не е најдоброто решение туку предложи спикерот Џафери да свика координација на која партиите ќе се договорат на кој начин ќе се најде решение да се усвојат важните закони.
Вонредната сосотојба не е решение ниту за власта ниту за опозицијата, но нема на повидок ниту договор за тоа како би се решил проблемот со закочените закони.
За пратениците од владејачкото мнозинство вонредна состојба треба да се прогласи само во услови ако има голем број заболени пратеници па Собранието не може да се состане, а не доколку пратениците одбиваат да се појават на седница. Ја повикаа опозицијата, како што велат, на конструктивност, да договорат седница, да обезбедат кворум и да се изгласаат законите.
„Вонредната состојба е решение во случај кога Собранието не може да се свика поради спреченост на пратениците да присуствуваат, а не поради тоа што пратениците не сакаат да присуствуваат. Опозициските пратеници блокираа можност пратениците во изолација да учествуваат онлајн за да не дојде до вакви ситуации. Сега кога има пратеници позитивни на коронавирус, не сакаат да учествуваат и го блокираат носењето важни закони. Се надевам кај нив ќе победи разумот затоа што се работи за помош на сите граѓани во ситуација на најголема светска криза предизвикана од пандемијата. Се надевам дека нема да дојде до ситуација најголем дел од пратениците да бидат во изолација или позитивни на коронавирусот што би било услов за свикување вонредна состојба“, изјави за „А1он“ координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не кажаа дали излезот е во прогласување вонредна состојба, но повторија дека тие бараат посебна седница со четири до пет приоритетни закони кои се однесуваат на антиковид мерките за кои би дале поддршка.
„Нашиот став е тој и остануваме на него. Нудиме решение во интерес на граѓаните. Џабе нè обвинуваат за кочничари, кога еве даваме конкретен предлог. Да се свика седница, да се изгласаат законите и да им се овозможи на работниците и стопанството да ја добијат потребната финансиска помош. Останува на потег владејачкото мнозинство и наместо да нè напаѓа нека бидат доследни и нека го прифатат нашиот предлог“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, сè уште нема одговор, ниту дали ќе свика координација со пратеничките групи во текот на денот, на која треба да се договорат на кој начин ќе се донесат закочените закони од петтиот економски пакет, со кои ќе се овозможи работниците од засегнатите индустрии да примат плати.
Единствено се знае дека утре собранискиот спикер ќе го одржи редовниот брифинг со новинарите на кој ќе информира за состојбата во Собранието, а закажана е и седницата за пратенички прашања која вообичаено се одржува секој последен четврток во месецот.