Американскиот Претставнички дом вчера со мнозинство гласови го усвои предлог-законот за вложување на 638 милијарди долари во одбраната, што би можело да го спречи претседателот Барак Обама да ја затвори воената база Гвантанамо на Куба и да ги ограничи неговите намери за редуцирање на нуклеарното оружје.
Претставничкиот дом, каде мнозинството го сочинуваат републиканците, ја донесе одлуката со 315 гласови „за“, наспроти 108 „против“ и покрај предупредувањето на Белата куќа дека ќе стави вето.
Во предлог-законот спаѓа и одредбата за казнување за сексуални злосторства кои ги вршеле припадници на вооружените сили, која администрацијата на Обама ја поддржува, како и барањето политиката на приведување да биде усогласена со верзијата на Сенатот, пред таа да стигне до претседателот.
Предлог-законот за вложување во одбраната предвидува средства за авиони, оружје, бродови и персонал, како и за војната во Авганистан, за фискалната година која почнува на 1 октомври и му оневозможува на Пентагон да ги затвора американските бази.