Преку апликацијата за самопопишување заклучно со денешниот ден се евидентирани 99 409 лица.
Преку апликацијата се регистрираат македонските државјани кои се во странство поради работа или други лични причини, до и подолго од 12 месеци.
Процесот на самопишување почна на 1 март, а ќе се одвива до 21 април 2021 година. Најмногу лица се регистрирани од Швајцарија, Германија и Италија.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на својот фејсбук-профил објави дека досега се самопопишале 99 500 лица од дијаспората, од кои само во изминатите 24 часа над 11 500 лица.
– Нашата дијаспора навистина е најдобра на свет. Попишувајте се на https://census.stat.gov.
Од 1 март до 15 март се попишуваа вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив во странство, македонските државјани на работа во Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на нивните семејства/ домаќинствата што престојуваат во странство со наведените лица како и сите лица – државјани на Република Северна Македонија кои по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој.
Тие заедно со затворениците и бездомниците се попишуваа во првата фаза која на прес-конференција беше оценето дека е успешно завршена.
Пописот на населението во земјава ќе се спроведува од 1 до 21 април 2021 година. Државниот завод за статистика објави и дополнителен трет јавен конкурс за ангажирање лица кои ќе учествуваат во спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, за кој заинтересираните кандидати требаше да се пријават до 20 март 2021 година.