Првата фаза од пописот е успешно завршена, продолжува самопопишувањето на дијаспората велат од Владата

Од:

Првата фаза од Пописот успешно заврши и беа опфатени вработените од Дипломатско-конзуларните претставништва, припадниците на АРМ во странство, затворениците и бездомниците.

Самопопишувањето на дијаспората продолжува и се одвива без проблеми, а отстранети се сите технички проблеми. Заклучно до денеска попишани се над 82 илјади наши сограѓани од странство. Најмногу од Швајцарија – 26 илјади, Германија – 19 илјади и Италија со над десет илјади самопопишани граѓани.

Завршени се обуките на државните инструктори, кои заедно со комисиите на пописните региони ќе го организираат тестирањето на кандидатите кои се пријавуваат на дополнителниот Конкурс за попишувачи, кој е отворен до утре.

Попишувачите ќе имаат можност да заработат хонорар и до 35 илјади денари и ќе бидат на терен од 1 до 21 април годинaва. Најголем број од досега пријавените се студенти и невработени.

Ова го порачаа на заедничка прес-конференција за претстојниот Попис на население, домаќинства и станови, портпаролите на Владата Душко Арсовски и Муамет Хоџа.

– Пописот е неопходен и е од највисок интерес за државата. Токму затоа, секој од нас треба да придонесе да се спроведе оваа статистичка операција, што ќе даде статистички податоци важни за проектирање стратешки планови за натамошен развој на државата. Методологијата е дефинирана според сите стандарди на ОН и на Евростат и гарантира успешност. Институциите имаат капацитет и гарантираат спроведување на пописот согласно сите здравствени протоколи во услови на пандемија и граѓаните ќе бидат заштитени, рече Арсовски.

Хоџа, во однос на попишувањето на дијаспората, рече дека се остранети првичните пречки и оти се задоволни од одзивот на самопопишаните граѓани.

Тој упати апел до дијаспората активно да учествува во реализацијата на пописот што ќе трае до 21 април годинава. Портпаролот на Министерството за правда Александар Видиновски, информираше дека пописот се одвива успешно во воспитно поправните домови и затворите.

– Се помина успешно и од Управата за спроведување на санкции не е пријавено дека некое лице се заболело од корона вирусот за време на попишувањето. Нешто што потврдува дека здравствените протоколи функционираат на терен, порача Видиновски.

Тој додаде дека се попишани и бездомните лица во повеќето шелтер центри низ државата, исто така и припадниците на АРМ кои се на мисија во странство и оние кои за време на пописот нема да бидат во своите домови, односно ќе бидат во касарните.

На новинарско прашање што ќе се преземе доколку не се пополни бројката и на овој конкурс за попишувачи, Јасмина Георгиева од Државниот завод за статистика рече оти се сигурни дека ќе го имаат потребниот број попишувачи и оти ќе можат со полн капацитет да ги почнат пописните активности на 1 април.

– Третиот дополнителен повик за попишувачи е во тек, задоволни сме од одзивот во текот на вчерашниот ден и сигурни сме дека до сабота вечер, додека е отворен повикот, дека ќе го имаме потребниот број на попишувачи. Треба да напоменам дека уште на првиот повик за попишувачи ние го имавме потребниот број на попишувачи и реонски инструктори но овие дополнителни повици за попишувачи се заради рамноправна распределба на попишувачите по реони и со почитување на правичната застапеност на сите етнички заедници и поради тоа што одреден број пријавени на првиот и вториот конкурс не се пријавија на тестирањето па ја користам можноста да ги повикам сите оние кои не се појавија на тестирање ќе имаат можност и сега да учествуваат на тестирањето, рече Георгиева.

Во одговор на прашањето ако не се пополни бројот на попишувачи дали тоа може да биде причина за одложување на пописот, Георгиева рече дека доколку и да се претпостави таква можност, доколку го немаат потребниот број, тоа не е предвидено во законот затоа што не ни помислувале дека такво нешто може да се случи, и таква одредба нема предвидено во законот.

– Меѓутоа, планот за бројот на попишувачи што е направен е да се тргне на терен и со помал број попишувачи. Затоа придонесува и подолгиот рок што е даден за спроведување на пописот. Ако сите пописи досега траеја 15 дена, овој попис ќе трае 21 ден. Така што сметаме дека одредени попишувачи ќе имаат можност да поминат и во два, три пописни круга, затоа што го имаме доволниот временски рок, но според динамиката како се пријавуваат, ќе повторам дека ќе го имаме потребниот број, рече Георгиева од ДЗС.

Би можело да ве интересира

Пратеникот Реџепи ja оспорува Методологијата за пописот oд 2021 година

Горан Наумовски

Директорката на албански ИНСАТ ги отфрли обвинувањата за манипулации со пописните резултати

Апелирам Македонците од Албанија масовно да учествуваат во пописот, порача Мицкоски

А1он

Ревизија на Пописот: Софтверот за дијаспората бил набавен од спонзор за кој не знаеле во министерство за правда

A1on

Васил Стерјовски: Македонците во Албанија се уценети од Софија да се попишат како Бугари

A1on

Симовски: Направивме попис, но последниве четири години немаме вработено ниту еден човек, а напуштија повеќе од 100

Маја Илиевска-Пачемска