Главниот уредник на најголемиот европски весник „Билд“, Јулијан Рајхелт, земал отсуство од работа по обвинувањата за недолично однесување кон негови колешки.
Рајхелт ги негира обвинувањата, а медиумската куќа што стои зад весникот, компанијата „Аксел Шпрингер“, соопшти дека не постојат „јасни докази“ за недолично однесување, но дека тие ангажирале адвокати за да ги испитаат наводите.
Весникот „Шпигел“ прв информира за овие обвинувања, наведувајќи дека неколку жени вработени во весникот пријавиле недолично однесување и навреди од Рајхелт. Весникот наведе дека Рајхелт е обвинет за злоупотреба на својата позиција и за создавање непријателска работна атмосфера. Експлицитните детали засега се изоставени.
„Аксел Шпрингер“ во соопштението наведува дека истрагата е отворена за уредничкиот тим да може да си ја заврши својата работа без мешање и натамошно оптоварување, а Рајхелт ги замолил претпоставените да му дозволат да замине на отсуство се додека не биде ослободен од обвинувањата.
Весникот „Њујорк Тајмс“ пишува дека глобалното дижење #MeToo во Европа не доби толкав интензитет како во САД, па и затоа на Стариот континент и многу поретко има случаи моќни луѓе да одговараат за своето неадекватно работно однесување.
„Билд“ со тираж од 1,2 милиони примероци е најголемиот европски весник и многу популарен и влијателен во Германија. Читателите се претежно мажи, а до 2012 година во весникот редовно се објавуваа фотографии од жени во топлес.
Поранешниот воен дописник на весникот, Рајхелт (40) главен уредник на „Билд“ стана во 2017 година. Тој често пишува колумни во кои ја критикува германската Влада и нивната реакција на пандемијата на коронавирусот.