Платформата за родова еднаквост, чии членки се 24 здруженија, асоцијации, организации, преку соопштение ја повика Лекарската комора јавно да ги објави имињата на лекарите кои биле дел од Комисијата за стручен надзор и да ја извести јавноста со детални информации според кои, Лекарската комора не утврдила лекарски пропусти во случајот со родилката Јелдз Веаповска од Дебар, вклучително и за причините за отстранување на нејзините органи.
Од Платформата бараат да се утврди одговорност на Лекарската комора поради непрофесионално работење и штитење на здравствен работник кој работи нелегално, Министерството за здравство да преземе одговорност во врска со случајот и да го испита преку дополнителна внатрешна истрага која ќе биде непристрасна и политички неутрална со цел да ја информира јавноста за тоа што се случило и да се спроведе детална истрага во врска со наведените искази за постапувањето во нерегистрираната ординација на докторот Мухамед Асани, негово разрешување од позицијата директор на болницата и забрана за извршување на лекарската дејност сѐ додека случајот не добие судска разрешница.
– Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага, да ги утврди пропустите и да побара одговорност за понудената здравствена заштита на пациентката во периодот пред породувањето, текот на породувањето и постпарталната грижа, посочуваат во соопштението од Платформата за родова еднаквост.