Утре прва средба на Комисијата за настанитe од 24 декември

Од:

Во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов утре ќе биде одржана првата средба на Ад-хок комисијата за расчистување на случувањата пред и во Собранието на Република Македонија на 24 декември минатата година.

Во присуство на шефот на државата на заедничка маса ќе седнат претседателот на Комисијата и декан на Правниот факултет, Борче Давитковски, универзитетските професори Рената Дескоска и Љубомир Фрчкоски предложени од СДСМ, и пратениците Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Средбата, како што информира кабинетот на Иванов, е закажана во 12:45 часот.

На првиот состанок не се очекува суштинска расправа, туку да бидат утврдени процедурите по кои ќе работи Комисијата и местото каде што ќе заседава.

Комисијата најмногу за два месеца треба да подготви извештај и заклучоци за настаните од 24 декември.

Формирањето на Комисијата, што беше дел од политичкиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постигнат во март годинава со посредство на еврокомесарот Штефан Филе и европратеникот Ричард Ховит, го поздравија Европската комисија и претседателот Ѓорге Иванов.

– Создавањето и резултатите на оваа Комисија се суштински елемент на политичкиот договор од 1 март кој стави крај на политичката криза по настаните од 24-ти декември. Се надеваме дека ова ќе го отвори патот за спроведување на други важни елементи од тој договор, изјави за МИА Петер Стано, портпарол на комесарот за проширување на Европската унија.

ЕК очекува Комисијата да работи експресно и заклучоците и наодите да бидат обелоденети во блиска иднина.

Претседателот Иванов, пак, оцени дека со формирањето на Комисијата е исполнета една преземена обврска од Пролетниот извештај на ЕК за Македонија. Очекува таа да ја заврши својата работа, односно да даде суд за случувањата на 24 декември. Тој ги повика партиите, покрај формирањето на Комисијата, да најдат начини да ја исполнат и другата обврска – потпишување на меморандумот за поддршка на евроинтегративниот процес.

Би можело да ве интересира

На 9 јули пратениците ќе расправаат за интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд

Здравковски: Охрабрувачки е фокусот на Владата кон младите

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот без присуство на мнозинството донесе одлука за одржување Надзорна расправа за трагедијата во Кочани

Пратениците ја изгласаа Фискална стратегија на Република Македонија за 2026 – 2030 година

Горан Наумовски

Змија предизвика хаос во Собранието на БиХ: Поради „небезбедни услови“, седницата беше откажана, наредена е истрага

Алиу и Хоџа се дел од еден важен процес на освежување, вели Мицкоски