Епископот г. Партениј и игумен на свештената бигорска Обител посака благословен пост и добра Четириесетница.
– Светиот и велик четириесетдневен пост е најстариот и најстрог пост во нашата света православна Црква. Ова богоблагословено поприште на воздржанието и христијанските добродетели за своја цел го има соединувањето со Господа и спасителот наш Исус Христос, што подразбира наше со распнување со Него, преку личните крсни страданија, но и наше совоскреснување со Неговото славно Воскресение, преку духовната радост што Светиот Дух ни ја излева. Да го прифатиме тој вистински спасоносен рецепт што води кон потполно исцеление и вечен живот: прошката, постот и вистинското богатство – добрите дела на милосрдието и љубовта, за да можеме да го дочекаме и еднодушно и со радост да го прославиме нашиот распнат и воскреснат Господ Исус Христос, порачува владиката.
Посочува дека е неопходно христијаните за време на постот да се трудат во сите добродетели, пожртвувано да се даваат себеси за другите. Треба, додава тој, да се украсиме со најубавата добродетел – љубовта, која произлегува од верата и која ќе трае вечно.
– Милосрдието е суштествена добродетел на христијанскиот живот. Оти, доколку постот се состои само од воздржување од одредена храна, тогаш тој не претставува ништо повеќе од една обична диета, од којашто не би имале никаква духовна полза. Христијаните, кога низ историјата се случувале разни тешкотии и искушенија, во зависност од нивниот духовен напредок или давале добар пример и го влечеле целото човештво напред, кон небесната Татковина, кон целта на нашето суштествување, или ,пак, за жал, дејствувале спротивно – влечеле наназад, кон земната распадливост, вели владиката Партениј.
Претходно порача дека не можеме да постиме доколку не се помириме и не им простиме на сите, особено на оние на кои ни е тешко да им простиме, зашто тука е подвигот на христијанската љубов.
Тој побара прошка од сите и посака благословени, добри и богоугодни пости.
-Смирено барам прошка од сите вас, за сè што сум погрешил, со збор, дело или помисла, во сите денови од мојот живот. Нашиот Христос, нашиот Бог на прошката, љубовта и милосрдието, нека ви прости на сите што го љубите. Да сте благословени и добри и богоугодни пости на сите, посака епископ г. Партениј.