Американскиот претседател Барак Обама в понеделник ќе го посети Белфаст, соопштено е денеска во северноирскиот главен град.
Тој ќе престојува во Северна Ирска, како еден од учесниците на самитот Г-8 што на 17 и 18 јуни се одржува во овој дел на Велика Британија.
САД беа составен дел од мировниот процес во Северна Ирска пред крајот на 90-тите години од 20. век, со кој беше запрен неколку деценискиот судир меѓу локалните католици, националисти и републиканци и протестантите, унионисти.
Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон и неговата сопруга Хилри, на неколку пати беа во Белфаст и во Северна Ирска, како знак на силна американска поддршка на мировниот процес. По нив во покраината беше и Џорџ Буш, а сега ќе престојува и Обама.
Британскиот премиер Дејвид Камерон кој е домаќин на годинешниов Самит на лидерите на осумте политички и економски најголеми и најразвиени земји во светот, изјави дека е горд што средбата Г-8 се одржува токму во Северна Ирска.
– Искрено зборувајќи, пред 10 или 20 години беше незамисливо еден самит на Г-8 да се организира во покраината и во областа Фармана, вели Камерон.
Според британскиот премиер, тоа е можно благодарејќи на трансформацијата што во изминатите години е извршена во Северна Ирска низ мировниот процес, започнат со мировната спогодба од Стормонт од април 1998 година.
Јас сум горд на тоа постигнување и на можноста лидерите да ги запознаат убавините на Фармана и на овој дел од нашата земја, рече премиерот Дејвид Камерон.