„Ало Тончов – Бардот на велешката чалгија“ е прва книга на м-р по музика професор Трајче Малинов. Промоцијата беше во организација на Општина Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“. Во книгата е претставена чалгијата како музички феномен, автохтона за Велес и Македонија од 19 век па сѐ до денеска.
Покрај општите податоци за чалгијата, во ова стручно книжевно дело, претставен е ликот на Алексо (Ало) Тончов, како врвен инструменталист – виолинист, кој со својата мајсторија на инструментот и чалгиската свирка бил познат и признат во Велес и нашата земја.
Како што појасни Малинов, книгата е со неколку поглавја, општ дел наменет за целата популација, како и стручна обработка на нотни примери, нивна метричка и формална структура.
Покрај пишаниот збор, во книгата на Малинов има бројни фотографии, мелографирани и нотирани примери од песните и ората што се изведувале на свадбите и веселбите, како и мелоритмичка обработка на истите.
Авторот на книгата Трајче Малинов за МИА информира дека книгата е настаната со работата на неговиот магистерски труд од 2008 до 2011 година
-Оваа книга е ризница за незаборавот-чалгијата нешто драгоцено што е традиција во Велес и Македонија уште од 19 век па се’ до ден денешен.Моментално во Велес има само две чалгиски тајфи и жал чалгијата е во изумирање.Но сепак со оваа дело сакам да оставам траг за незаборавот на велешката чалгија, потенцира тој.
Тој појаснува дека има чалгии и во други македонски градови, но велешката чалгија е посебна затоа што е со оној традиционален чалгиски состав и инструментариум каков што само во Велес се користи, а го нема во другите градови.
Тој истакнува дека има четири чалгиски региони во земјава: битолски, охридски, велешки и скопски, каде што, вели Малинов, во секој регион се користеле различни инструменти.
-Велешкиот чалгиски регион е специфичен по инструментариумот пред се’ од арапскиот свет: ќенането, лаута, ќанон, ут, дајре, освен кларинет и виолина, кои не се дел од тој инструментариум, а сепак се користат, вели тој.
Инаку, Трајче Малинов, кој свири кларинет со неговата група „Виртус“, има издадено два албума каде што се обработени најубави стари велешки чалгиски песни.