Министерот за здравство, Венко Филипче, ги крие имињата на лекарите кои утврдија дека гинекологот, Мухамед Асани, не направил лекарска грешка во оперирањето и лекувањето на родилката Јалдз Веапоска од Дебар, која по породување дома си замина без бубрег, јајчник и матка. Тој денес во изјава за медиумите рече дека стои на располагање за сите заинтересирани за имињата на лекарите кои го правеле стручниот надзор, но и покрај јавниот повик, попладнево од неговата служба, на барање на „А1он“, повторно не ги кажаа имињата.
„Што се однесува до членовите на Комисијата кои го извршиле стручниот надзор, истата ја формира Лекарската комора на РСМ. Имињата на членовите на комисијата кои го вршат стручниот надзор не се познати на Министерството за здравство и не се наведуваат во извештаи кои ЛК ги доставува до Министерството“, одговорија од Министерството на прашањето кои лекари го направиле стручниот надзор во кој не беше утврдена лекарска грешка во случајот на Веапоска.
Од таму објаснија дека не го објавиле целосниот извештај оти тоа е спротивно на Законот за заштита на правата на пациентите. Во него, како што наведуваат од Министерството, имало лични податоци за пациентката како и текот на нејзиното лекување и може да го добие единствено лично пацинетката, член од нејзиното семејство кој ќе добие полномоштво од пациентката како и надлежни институции.
Само неколку часа претходно, министерот Филипче рече дека извештајот за стручниот надзор не е тајна, исто како и имињата на лекарите кои го направиле.
„Воопшто не е тајна целокупниот извештај, вклучувајќи ги и луѓето кои што го правеле. Тука нема никаква доверливост, ниту класифицираност. Тој документ е јавен. До мене не стигнало прашање и барање да се објават имињата, па дури и целокупниот извештај. Стојам на располагање, треба да видам официјално како ни е доставен“, рече министерот Филипче и нагласи дека ќе ги анализираат сите наоди за овој случај и следната недела ќе излезат со конечен став.
Родилката од Дебар, Веапоска, за „А1он“ рече стручниот надзор го правеле гинеколог, анестезиолог и хирург, Албанци, кои по надзорот во болницата, заедно со Асани, заминале на ручек, па поради тоа не ја изненадува заклучокот дека немало лекарска грешка.
„А1он“ ги побaра имињата на лекарите како и целиот извештај и од Лекарската комора, но и oд таму молчат.
Следната недела министерот Филипче, освен ставот за лекарската грешка, најави дека ќе каже и дали ќе го разреши од функцијата директор на Општата болница во Струга Мухамед Асани, за кого Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврди дека дома имал дива ординација, откако родилката Веапоска пријави дека таму ја прегледувал пред да ја оперира.