Родилката Јалдз Веапоска не е изненадена од заклучокот дека гинекологот и директор на струшката болница, Мухамед Асани, не направил лекарска грешка откако по породување со царски рез таа заврши без бубрег, матка и јајчник. Веапоска нема да се откаже и вели дека ќе продолжи да ја бара правдата. Си ги бара извадените органи за да докаже дека никогаш претходно немала проблем со нивното функционирање.
„Очекував ваква одлука, не ме изненадува. Додека Лекарската комора нам, и на јавноста не сакаше да каже кој ќе членува во комисијата за стручниот надзор, Асани знаел точно кои се. Тројцата што правеле надзор во болницата се Албанци, гинеколог, анестезиолог и хирург. Кога завршиле со надзорот, заедно со Асани заминале на ручек. Ми јавија луѓе што ги виделе. Од тука, јасно беше каква одлука ќе донесе Комисијата штом заедно со него оди на ручек“, вели Веапоска за „А1он“.
Одлуката на Лекарската комора нема да ја поколеба. Веќе ги договориле следните чекори за барање на правдата.
„Од адвокатот ќе го побараме извештајот од стручниот надзор, а потоа ќе ги барам органите што ми ги извадија, да ми кажат каде се. Прво што ќе направам ќе биде ДНК анализа, за да се види дали се мои, па доколку се потврди дека се мои, ќе ги бараме причините поради кои морало да ми бидат извадени. И јас велам дека Асани ми го спасил животот, да, но што довело до тоа тој да мора да ми го спасува животот? Што довело до тоа да мора да ми вади органи со кои никогаш не сум имала проблем? Сега гледам дека неговиот син специјализирал, значи кога мене ме оперирал бил специјализант. Како го дозволија тоа?“, прашува родилката Веапоска.
Таа вели дека ако животот и го спасил Асани, немало да има потреба да ја пратат итно во Скопје, каде лекарите не верувале дека на породување и се извадени матка, јајчник и бубрег.
„Моравме да направиме компјутерско снимање за да се уверат дека ми се извадени органите. По снимањето, јас, од два до девет часот бев во операциона сала, повторно на операција , а тој ми кажува дека ме спасил“, објаснува Веапоска.
Таа не се чувствува добро, вели дека има болки оти во бубрегот што и останал и се појавиле камчиња. Секој ден вели дека се буди со страв.
„Секој ден ги гледам децата како да ми е последен. Не знам дали ќе го доживеам следниот ден. Асани животот ми го направи пекол. Место да им се радувам на децата, јас плачам. Не можев да се израдувам на ќеркичката поради него, а еве денес, роденден е на син ми, полни пет години, но токму денес најдоа да ја соопштат одлуката. Пак плачење, пак болки. Синоќа дував балони за да можам денес да го израдувам, да го смирам, се заколнав дека нема да плачам, но ете, ни го уништија денот на кој требаше да се радуваме“, со болка кажува Веапоска.
Нејзиниот син, кој ја видел кога од струшката болница ја пренесувале во Скопје, се растревожил и се уште имал последици.
„Не може да се смири. Почнува да се тресе и ми треба време да го смирам. Лекарите пред него кажале семејството да биде спремно на се. Сега секој ден ме прашува дали ќе преживеам. И денес на телевизија слушна за случајот и нему се му се врати се, пак се растревожи“, вели Веапоска.
Се жали дека Асани постојано и праќа луѓе да ја убедуваат да се смири, да престане да го гони. Преку посредници барал таа да се согласи да се видат и да разговараат, но Веапоска вели „ако тој дојде кај мене, само мртов ќе си замине“.
Министерот за здравство Венко Филипче денес соопшти дека по стручниот надзор, Комисијата од Лекарската комора утврдила дека Асани не направил лекарска грешка кога по царски рез и извадил бубрег, матка и јајчник на Веапоска.