По вчерашното невреме и застојот на атмосферските води низ улиците во Гевгелија, на површина излегоа сите планирани, а нереализирани зафати на Општина Гевгелија во областа на уредувањето на комуналната инфраструктура.
Така, минатата година од вкупно планираните 20, завршени се само четири проекти, и тоа: изградбата на фекални канализации на булеварот „Гевгелија“, на улицата кон Затворот, за поврзување на станбените згради од 9-тата Урбана единица со булеварот „Гевгелија“, како и регулација на дел од одводниот канал „Рауљ“.
Овие зафати, заедно со уште десетина проекти што беа само започнати, а завршени во првото полугодие од 2013 година, го оптоварија минатогодишниот локален буџет со 29,5 милиони денари. Од тоа, 14,8 милиони денари беа наменети за изградба на канализациски линии, 6,2 милиони денари за изведба на нови линии за атмосферска канализација и само два милиони денари за изградба на нови водоводни линии, се вели во извештајот за работа на градоначалникот за минатата 2012 година.
„Со овие средства беа изградени речиси четири километри канализациски линии, 1,3 километри атмосферска канализација, 1,6 километри водоводни линии и 750 метри одводни канали“, се вели во истиот извештај.
Но, во извештајот за реализација на програмата за уредување на градежно земјиште во општина Гевгелија за минатата година е нотирано дека во областа на комуналните капитални зафати за водоводни и одводни системи во општината планирани се пет милиони денари за подготовка на проектни документации, шест милиони денари за регулација на одводниот канал Рауљ, два милиони денари за регулација на дел од коритото на Сува река и само еден милион денари за регулација на коритото на Мрзенска (Серменинска) река.
Значи, вкупно 14 милони денари. Овој податок е во сериозен расчекор со прикажаните 29,5 милиони денари во извештајот на градоначалникот, кој обезбеди нов мандат на последните локални избори, па и остатокот од прикажаните, а нереализирани обврски повторно одат на негова адреса.
Во текот на реализацијата, само за каналот Рауљ направени се договори со Градежниот факултет од Скопје во вредност од 701.696 денари, 28.000 денари на ревизорот „Доминг“ од Радовиш и извонредни 9.075.134 денари за изведба на проектот со градежната фирма „Еуро Инг“ од Гевгелија.
Зафатот на каналот Рауљ спаѓа во ставката „одводни канали“ и во извештајот на градоначалникот со горниот цитат е споменато дека има должина на зафатот од 750 метри.
„Како е можно Рауљот да испумпа близу 10 милиони денари буџетски средства, а Гевгелија повторно да има преплавени улици во близина на одовдниот канал“, вака размислуваат поголемиот дел од жителите на Гевгелија што живеат во станбената зона, комплексот згради и индивидуални куќи во близина на Рауљот, кои со секои поголеми дождови се соочуваат со истиот проблем.
Овој канал се наоѓа на влезниот булевар „Гевгелија“, па обично со поплави гевгеличани ги дочекуваат и првите посетители на градот по невремето.
Последните слики од преплавените гевгелиски улици по вчерашното невреме само укажаа на потребата за довршување на започнатите и програмски нотираните, а нереализирани проекти на теренот на Општина Гевгелија, од областа на водоводната и одоводната канализација, како во градот така и во населените места низ општината.