Педесеттата меѓународна манифестација „Рацинови средби“ синоќа во салата „Бели мугри“ во Велес свечено ја отвори велешкиот градоначалник Славчо Чадиев.
– Кога се Рациновите средби, времето не се мери со часови, денови, се мери со стихови и со зборови, со бројот на вртежите на грнчарското колце.Тогаш просторот нема меѓа, неговата граница е космополитниот свет на поетот со обединувачка моќ, рече Чадиев.
Во Беседата за Рацин, претседателот на Друштвото на писателите на Македонија Раде Силјан, меѓу другото, рече дека стихозбирката „Бели мугри“ е тестаментална книга која го најави будењето на слободната мисла на македонскиот народ.
– Книга која ги постави темелите на модерната македонска литература. Со силните лирски пораки оваа книга ја пробуди свеста за големите можности на македонската литература, а со идеите и со еманципацијата на македонската поетска реч поетот го бранеше и го одбрани достоинството на животот и на уметноста, рече Силјан.
Свеченоста беше заокружена со меѓународен поетски митинг на кој настапија десетина поети од Македонија и по еден од Романија, Бугарија и Србија. Потоа, во спомен-куќата на поетот и револуционер Коста Солев Рацин во стариот дел на Велес, беше промовирано цеде со најубавата љубовна поезија на Рацин. Улицата „Кочо Рацин“ каде се наоѓа спомен-куќа беше прогласена за Сокак на поезијата.
Рациновите средби продолжуваат денеска со Грнчарската работилница во куќата на Рацин, а во Ликовниот салон ќе се одржи средба со добитниците на Рациновото признание „Лауреатите за Рацин“.
Вечер на отворената сцена „Мугра“ ќе им бидат врачени наградите на годинашните лауреати – Рациново признание за Илхами Емин и Почесното Рациново признание за Романецот Јон Дејаконеску. Вечерта ќе заврши со концерт на групата „Леб и сол“.