Целосната ангажираност и опсежност во потражните дејствија на МВР и другите институции и преземање на низа активности даде резултати. Денеска истакнав дека Мијалков е во земјава и дека очекувам успех за неколку часови, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по појавувањето на Сашо Мијалков пред Јавното обвинителство за гонење организиран криминал.
Спасовски, претходно денеска на прес-конференција, изјави дека според сите досегашни проценки и анализи екс директорот на УБК, Сашо Мијалков се уште е во државата.
– Според сите наши анализи и проценки сметаме дека сеуште е во државата и дека не ја напуштил Република Северна Македонија. Дејствијата за потрага се во тек. Ако ние знаеме каде е Мијалков, веројатно ќе беше во притвор во истиот момент, меѓутоа сите анализи и проценки кои ги правиме врз основа на потражните дејствија и информациите кои ги добиваме, наша увереност е дека е во државата, изјави Спасовски.
Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков кој од неделата беше недостапен за органите на прогонот, попладнево се појави пред Јавното обвинителство за гонење организиран криминал, за, како што изјави, да го подигне решението за куќен притвор што му го одреди Кривичниот суд.
Мијалков кажа дека дека не избегал, туку во текот на вчерашниот ден бил во излозација поради здравствени причини. Имал висока температура и симптоми на корона, а за ситуацијата што настанала околу него дознал утрово.
Тој им се извини на граѓаните, на премиерот, Владата и на сите други институции за непријатностите што биле предизвикани.