Операторот на гасоводот „Северен тек 2“, кој треба двојно да ја зголеми испораката на рускиот гас во Германија, побара итна дозвола за изградба на преостанатата делница во германските води, објави Федералната поморска и хидрографска агенција (БСХ).
Портпарол на германската агенција не прецизираше кога треба да се донесе одлуката.
„Северен тек 2“ го гради конзорциумот предводен од руски „Газпром“, а негови членови се и францускиот „Енџи“, австрискиот „ОМВ“, британскиот „Шел“ и германските „Унипер“ и „Винтершал“.
Според „Северен тек 2“, преостанатиот дел од гасоводот се наоѓа во германската економска зона и е долг 16,5 километри.
Активистите за заштита на животната средина во Германија предупредија дека трасата на гасоводот поминува во близина на резерват за птици.
Портпарол на „Северен тек 2“, чија изградба е при крај и покрај санкциите од САД, рече дека тие побарале дозвола уште во декември и дека очекуваат приговори од активисти за заштита на животната средина.
Како што пренесуваат странските агенции, планираниот гасовод не е спорен само од еколошки причини – американски официјални лица велат дека неговата изградба ќе ја направи Европа премногу зависна од рускиот дотур на гас. Полска има сличен став, додека Украина е загрижена и за загубата на надомест за транзиција на рускиот гас.