Со богата културно-уметничка и забавна програма, вечер во Гевгелија почнува чествувањето на заштитникот на градот Свети Спас кое во организација на локалната самоуправа ќе потрае до петок.
Организаторот за вечер го најави отворањето на изложбата „Импресии“ од гевгелискиот сликар Борис Петров и солистичкиот концерт на градскиот хор „Гортинија“ кој неодамна се врати со освоена сребрена Плакета од меѓународниот хорски натпревар во Австрија.
Програмата продолжува утре со гостувањето на скопскиот театар „Пампур“ кој пред гевгеличани ќе ја изведе претставата „Посета на младата дама“.
Во рамки на прославата на Спасовден во Гевгелија на 12-ти јуни ќе биде отворен меѓународен саем на храна и вино на кој производи ќе промовираат гевгелиски и грчки стопанственици. Со свои настапи ќе се претстават распеаните ансамбли од Гевгелија, Охрид и Кочани, а прославата ќе заврши во петок на 14-ти јуни со гостувањето на Македонската филхармонија.