Еврокомесарката за внатрешни работи задолжена за миграција, Илва Јохансон, в четврток ќе ги посети Албанија и Босна и Херцеговина за да дискутира за ситуацијата со бегалците во овие две земји, јави дописничката на МИА од Брисел.
Целта на посетата, како што најавија од Европската kомисија, е да се разговара со соработката со овие две земји во областа на миграцијата и системите за управување со миграцијата.
Илва Јохансон ќе се сретне со државниот врв и во Босна и Херцеговина и во Албанија, и ќе го посети бегалскиот камп Липа во Босна, заедно со претставници на Обединетите Нации и на Меѓународната организација за миграција. Босна се соочува со голем број бегалци чија цел е да стигнат во земјите на ЕУ.
Околу осум илјади бегалци се наоѓаат во Босна и Херцеговина, од кои шест илјади во кампови финансирани од ЕУ, оценува Брисел. Ситуацијата со бегалските кампови во Босна е загрижувачка според невладините организации и медиумите.
Во Албанија, Илва Јохансон ќе се сретне со претседателот, Илир Мета и премиерот Еди Рама, како и со министерот за внатрешни работи и ќе одржи прес конференција.