Новите британски имиграциони прописи „предизвикуваат болка“ кај луѓето

Од:

Работна група од пратеници и членови на Горниот дом на британскиот Парламент, која ги истражуваше ефектите од новите имиграциски прописи што ги воведе Владата во Лондон, заклучи дека тие „предизвикуваат болка“ во семејствата на Британците чии партнери се од земјите надвор од ЕУ.

Во истрагата на оваа меѓупартиска група е утврдено дека „илјадници Британци“ не може да ги доведат во Велика Британија своите сопруги, или сопрузи од земјите кои не се членки на ЕУ, како и дека илјадници деца од ваквите бракови живеат без еден свој родител.

Како причина за ова се посочуваат имиграционите прописи донесени во ова време минатата година, спореде кои се подигна минималната граница за годишната заработувачка која е потребна за издршка на партнерот и децата, без да се бара социјална помош, или бенифиции од државните социјални фондови.

Од 1 јули 2012 година, потребната минимална годишна заработувачка изнесува 18.600 фунти, за да може британски државјанин да го доведе во Велика Британиа својот брачен партнер, за да живеат заедно. За да се доведе едно дете, границата на годишната заработувачка се зголемуа до 22.400 фунти, а за секое натамошно дете, за уште 2.400 фунти.

Парламентарната истрага утврди дека овие мерки ги погаѓаат и децата кои се веќе британски државјани, но кои мора да живеат без еден од нивните родители.

Парламентарците тврдат дека сегашната минимална граница е превисока, објаснувајќи дека во минатата година неа не би можеле да ја задоволат дури 47 отсто од вработените во Велика Британија.

Според податоците на британската Влада, 18 илјади Британци секоја година не ќе може да се поврзат со својот партнер, ако потекнува од некоја земја надвор од ЕУ.

Претставник на Хоум Офисот ги бранеше новите имиграциони прописи, инсистирајќи дека тие се донесени во интерес на британските даночни обврзници кои ги полнат социјалните фондови на државата од приходите со нивното работење.

Би можело да ве интересира

Британскиот адмирал: На чекор сме од нуклеарен армагедон

Хели: Не треба да постои страв од реториката на Путин

Повеќе од 35.000 мигранти пристигнаа во Велика Британија оваа година

Британците ги бришат џихадистите од Сирија од листата на терористи

Горан Наумовски

Милиони Британци погодени од огромно невреме, десетици илјади останаа без струја

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот