Марта Лемпарт, една од организаторките на протестите против забраната за абортус во Полска, може да биде осудена на осум години затвор, соопшти вчера полското Државно обвинителство.
Таа е обвинета поради „загрозување на здравјето и животот на други лица предизвикувајќи епидемиолошка опасност за време на пандемија со Ковид-19, изјави портпаролката на Обвинителството, Александра Скрзиниарз.
Лемпарт е обвинета и за навреда и плукање на полицаец, како и дека во интервју на радио поттикнувала напади врз Католичката црква.
Таа изјави дека е невина, одби да сведочи и е пуштена.
Лемпарт е една од иницијаторките на протестите во Полска, што почнаа во октомври по одлуката на Уставниот суд да забрани абортус во случај на деформитети на фетусот. Во Полска е забрането прекин на бременоста освен во случај на силување, инцест и ако е загрозен животот на мајката.
Протестите продолжија во јануари по објавата на одлуката на Уставен суд во Службен весник и стапување во сила.
Полска има еден од најрестриктивните закони за абортус во Евртопа. Според официјални податоци во Полска има помалку од 2.000 легални абортуси, а феминистичките организации проценуваат дека секоја година се извршуваат околу 200.000 абортуси нелегално или во странство.