Нападите врз медумските работници се зголемуваат, а речиси и да нема судска разрешница. Потребна е поголема ангажираност од институциите, конкретни измени во Кривичниот законик и повисоки казни за напаѓачите, но потребно е да се смени и начинот на делување на новинарите односно поголема ангажираност од нивна страна за да се поместат работите понапред, оценија учесниците на денешниот вебинар „Изменување и дополнување на Кривичниот законик на Северна Македонија: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“.
Само минатата година имало 14 пријавени напади и закани врз медиумските работници, а само еден случај има судска разрешница.
Според претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, работите се уште тапкаат во место – има пораст на физичките и вербалните напади врз новинарите, а неказнивоста останува.
– Апелирам до сите за поголема ангажираност за да не ни се повторуваат овие работи. Нормално е дека ќе има случаи, но тие треба да бидат исклучоци, а не да претставуваат правило. Како што сега стојат работите, нападите врз новинарите и неказнивоста стануваат правило, а истовремено побрзо се процесуираат сите постапки кои се однесуваат на слични дела упатени кон политичарите или другите носители на функции, истакна Чадиковски.
ЗНМ бара во Кривичниот законик, нападите врз новинарите да се третираат како напади врз службени лица, а од Јавното обвинителство да има посебно одделение или група на обвинители кои ќе ги третираат ваквите напади. Посебно внимание во измените на Кривичниот законик се бара да се посвети на вербалните напади и говорот на омраза преку социјалните мрежи бидејќи анализите покажуваат дека во најголем дел нападите врз новинарите се преку интернет.
Адвокатите и јавните обвинители препорачуваат новинарите поактивно да поднесуваат пријави без разлика дали се работи за вербални или физички напади врз нив. Посочуваат дека побрзо се процесуира пријава во која има многу повеќе податоци и укажување на можен сторител на делото, отколку доколку пријавата е поднесена против непознат сторител бидејќи во тој случајна потребно е повеќе време за постапување и откривање на можниот сторител.
– Пријавата е првиот иницијален акт кога започнува работата на јавниот обвинител. Пријава која изобилува со повеќе податоци, со укажување на можен сторител на нападот, многу ќе ја олесни и ќе го скрати времето на прибирање и идентификација на доказите кои се потребни. Ако пријавата е против непознат сторител, првенствено мора да се открие идентитетот на сторителот, а потоа да се соберат доказите. Од анализата која е направена, најголем дел од поднесените пријави каде оштетени се новинари, се пријави против непознат сторител и пријави кои упатуваат на закани преку социјалните мрежи. Проблемот на прибирање на докази во овој случај е малку потежок и временски е подолг, истакна Спасенка Андонова, јавен обвинител.
На денешниот вебинар не присуствуваше претставник од Министерството за внатрешни работи, иако бил поканет.