Канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери во Германија се договорија локдаунот во земјата да продолжи до 7. март. Строгите мерки за заштита од коронавирусот остануваат во сила уште речиси еден месец.
Олеснување би можело да има само ако стапката на новозаразени од Ковид-19 во една недела се намали на 35 случаи на 100 илјади жители. Во таква ситуација ќе бидат отворени трговијата, музеите и другите услужни дејности.
„Понатамошните мерки се поврзани со мутациите на вирусот, чие ширење мора да го спречиме по секоја цена. Многу е важно да го следиме развојот на ширењето на мутираните соеви до средината на март со цел да избегнеме трет бран“, рече германската канцеларка.
Првата фаза рестрикции во Германија почна во ноември, а потоа во декември беа воведени уште построги мерки и локдаун.