Во издание на „Паблишер“ излезе од печат книгата „Мртва трка“ од унгарскиот автор Бенедек Тот. Книгата е дел од новата едиција „Приказни што нѐ обединуваат“, поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Преводот на македонски е на Златко Панзов.
Како што посочуваат од издавачкиот центар „ТРИ“, оваа книга ни ја пренесува суровата егзистенцијална приказна за безнадежноста во еден провинциски град. Раскажана преку животите на неколку тинејџери кои имаат сè што сакаат и се решени да ги пробаат сите забранети овошја во животот, во неа се открива страшната иднина лишена од можност за интимност или радост.
-Бенедек Тот ги испишува своите страници со безграничен талент. Пишувајќи како човек што вреска, обземен од очај, во „Мртва трка“ ни ја пренесува суровата егзистенцијална приказна за безнадежноста во еден провинциски град. Кога насилните и бесмислени импулси на тинејџерите ќе доведат до страшен настан, ќе се крене маглата од нивните глави и ќе се наѕре вистината. А таа е навистина страшна, соопштија од издавачкиот центар.
Бенедек Тот е современ унгарски писател, еден од најпознатите и најнаградуваните унгарски автори од новата генерација.
Во 2014 година го објавува својот прв роман „Мртва трка“, за кој во 2015 година ја добива наградата „Марго“ за најдобро дебитантско дело. Во 2017 година Тот го објави својот втор роман, антиутопијата „По последната војна“, за чие создавање големо влијание му извршиле значајни дела од тој жанр, пред сѐ. Според издавачкиот центар „ТРИ“, Бенедек Тот пишува бескомпромисно, сурово каков што е и светот што го опишува, со елементи на акција, фантастика, хорор и митолошки алузии.