Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави дека „ќе поминат години“ кога економијата на земјата, уништена од коронавирусот, ќе се врати на колосек и го повика Конгресот да одобри пакетот помош од 1,9 илјади милијарди долари предложен од претседателот Џо Бајден.
Јелен ги отфрли тврдењата на Републиканците дека таа сума е превисока.
Таа за Си-Ен-Ен изјави дека економијата, со усвојувањето на пакетот помош, може да се врати на нивото што се смета за целосно вработување на најголемата светска економија до 2022 година, со стапка на невработеност од четири проценти, наспроти 6,3 проценти во јануари.
– Луѓето страшно страдаат низ целата земја, рече Џенет Јелен, потсетувајќи на изгубените речиси 10 милиони работни места поради пандемијата и околу четири милиони работници за кои се верува дека се откажале од барање нова работа.
Владата во петокот објави дека Соединетите Американски Држави додадоа само 49.000 нови работни места во јануари.
Како што пренесуваат странските агенции, и двата дома на Конгресот, кои со тесно мнозинство ги контролира Демократската партија на Бајден, минатата недела гласаа за буџетските правила кои, доколку е потребно, можат да им овозможат на Демократите да го „истуркаат“ новиот закон за буџетот по партиска линија и во Сенатот и во Претставничкиот дом, без поддршка на Републиканците.
Високи советници во Белата куќа се надеваат дека Конгресот ќе го усвои предлогот на Бајден до првата недела од март, пред 15 март, кога истекува рокот на сегашните исплати од 300 американски долари неделно на невработени работници, помош што ја добиваат од федералната Влада како додаток на тоа што го добиваат од нивните држави. Бајден сака федералната помош да се зголеми на 400 американски долари неделно до септември.
Републиканците кои се спротивставуваат на предлогот на Бајден, укажуваат на авторски текст објавен во „Вашингтон пост“ минатата недела од поранешниот министер за финансии Лоренс Самерс, кој предупреди дека пакетот помош на Бајден може да предизвика „инфлациски притисоци невидени за цела генерација“.