Повеќе од 10.000 лица се приведени за време на протестите во Русија за поддршка на опозицискиот лидер Алексеј Навални, објави групата за набљудување на политичкиот прогон ОВД-Инфо.
Стотици излегоа на улиците на Москва во вторникот вечерта откако судот го осуди 44-годишниот Навални на повеќе од две години затвор под обвинение за злоупотреби.
На протестните демонстрации во изминатите две недели полицијата приведе повеќе од 10.000 луѓе. Уапсените биле чувани со часови во ужасни услови без храна и можност за користење тоалет, коментира Григориј Дурнов од ОВД-Инфо за радиото Ехо Москва.
Тој додаде дека на нивните адвокати, кои им даваат бесплатни правни совети на притворените, не им е дозволен пристап до центрите за притвор.
Навални ги повика Русите да излезат на улица по апсењето минатиот месец.