Еден од најдобрите кошаркари од поранешна Југославија подоцна хрватски репрезентативец, Дражен Петровиќ пред точно 20 години трагично го загуби животот во сообраќајка во Германија.
Кошаркарскиот Моцарт, човек кој постави нови стандарди во европската кошарка, а подоцна пробиваше пат на европски играчи во НБА лигата, го загуби животот непосредно пред 29-от роденден.
Две децении подоцна и понатаму трае легендата за неговото кошаркарска вештина – од првите чекори во Шибенка, па до Портланд и Њу Џерси во НБА.
Со само 15 години беше дел од првиот тим на Шибенка, подоцна премина во Цибона со која доминираше во Југославија и Европа (двапати шампион на Европа), потоа една сезона одигра за Реал пред да замине во САД, прво за Портланд, а потоа и во тимот на Њу Џерси каде во НБА целосно ја смени сликата за европските кошаркари.