Москва има причина да верува дека инцидентот со рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил лажен, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на заедничката прес-конференција со неговата шведска колешка Ан Линд.
– Што се однесува до случајот Навални, не ни се дадени никакви информации што ги докажуваат обвинувањата против руските власти, истакна Лавров, пренесе ТАСС.
Тој оцени дека ако обвинете некого, тогаш треба да ја докажете неговата вина.
– И ако речете: Јас нема да ви кажам ништо, бидејќи тоа е тајна, имаме причини да веруваме дека тоа е лажно, додаде тој.
– Денеска, уште еднаш ја потсетив шведската страна дека, бидејќи шведската воена лабораторија изврши анализа и заклучоците на германските експерти беа јавно потврдени, очекуваме од нашите шведски колеги да покажат транспарентност и искреност во овој случај, истакна рускиот министер за надворешни работи.
На Навални му се слоши за време на авионски лет на 20 август, а два дена подоцна беше префрлен во болница во Берлин. Лаборатории во Германија, Франција и во Шведска, како и тестирањата кои ги спроведе Организацијата за збрана на хемиско оружје, утврдија дека Навални бил изложен на отровот „новичок“, развиен во некогашниот Советски Сојуз. Руските власти во неколку наврати негираа каква била вмешаност во труењето на Навални.