Поранешниот британски премиер Тони Блер прифати да биде советник-консултант на идната влада во Албанија, тврди лондонски „Дејли телеграф“.
Весникот пишува дека Блер ќе делува како консултант на албанската социјалистичка партија и на нејзиниот лидер Еди Рама, веднаш по парламентарните избори во Албанија, на кои се очекува нивна победа. Рама важи за популарен политичар, а испитувањето на јавното мислење во земјата покажува дека тој би можел да добие и 49 отсто од гласовите.
Албанските парламентарни избори се предвидени за 23 јуни. Договорот меѓу Блер и како што вели весникот, идната албанска Влада, бил направен во Лондон, минатиот месец.
Поранешниот британски премиер ќе им ги пренесува искуствата од политиката и програмите на новите лабуристи, кои трипати едноподруго, победуваа на изборите во Велика Британија, меѓу 1997 и 2005 година.
Блер кој е единствениот лабурист кој трипати едноподруго бил премиер, на албанските социјалисти и на Рама треба да им ги пренесе и реформите што британските нови лабуристи ги спроведуваа, имајќи ја зад себе големета поддршка на домашните гласачи.
Именувањето на Блер за советник-консултатнт во Албанија, доаѓа по неговите слични мисии во уште неколку земји во светот, како Бразил, Колумбија, Казахстан и Кувајт.
Тој во 2007 година, по повлекувњето од Даунинг стрит 10 формира посебна фирма за консултации на странски влади. Во неа се вклучени и неговите поранешни блиски соработници, поранешниот шеф на кабинетот Џонатан Пауел и директорот за комуникации и спин доктор, Алистер Кемпбел.
Лондонскиот весник тврди дека првите контакти со Еди Рама и неговата партија ги има направено Кемпбел, кој беше во Тирана во февруари оваа година, на промоцијата на својата книга-дневници за времето кога тој му беше советник на Тони Блер.