Книгата „Петар учи за здрава храна“, едукативна приказна по природни науки и со тема за здравата храна, наменета за децата од 6 до 10 години, е прво вакво печатено дело на Соња Трифуновска, одделенски наставник во ООУ „Гоце Делчев“-Тетово.
–Низ нејзините страници децата ќе се запознаат со ликот на Петар и преку неговите доживувања ќе научат зошто е важна здравата исхрана, која храна е корисна за правилен раст и развој, но и ќе дознаат како може да се исполни желбата на едно дете да биде успешен спортист. Додека ја читаат приказната, децата скоро на секоја страница ќе решаваат дигитални задачи и ќе играат образовни игри и на тој начин ќе го применуваат наученото, изјави авторката.
Книгата нуди можност за интерактивност.
–До задачите и игрите се пристапува со скенирање на QR-кодовите преку апликација на паметен телефон и децата ќе имаат можност да редат сложувалка, да играат „Меморија“ и „Анаграм“, да решаваат крстозбор, интерактивен наставен лист и многу други содржини кои ги имам креирано со различни дигитални алатки, рече Трифуновска.
Таа верува дека оваа книга ќе биде добро прифатена од учениците и дека со неа ќе учат поуспешно, но и дека ќе биде патоказ за наставниците како наставата да ја направат покреативна, а учењето полесно и позабавно.
–Идејата да ја напишам оваа книга произлезе од моите залагања да пронајдам начин преку кој децата ќе ги совладуваат наставните содржини на лесен и интересен начин, кој ќе ги мотивира за самоучење и истражување, а на овој начин ќе го развиваат и критичкото мислење и ќе ги применуваат знаењата во секојдневниот живот, истакнува Соња.
Наставничката подготвува уште две едукативни приказни од различни наставни предмети со надеж дека ќе направи цела збирка од едукативни сликовници.