Ангеловска-Бежоска на гувернерски состанок на БИС: Централните банки може да дадат придонес за зелена економија

Од:

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на редовниот состанок на гувернери на централни банки што го организира Банката за меѓународни порамнувања (БИС), на кој тема беа податоците од Анкетата спроведена од страна на БИС во врска со најновите трендови во процесот на управувањето со девизните резерви.

Резултатите од Анкетата, како што соопшти Народната банка, посочуваат дека централните банки сѐ уште претпочитаат да ги инвестираат девизните резерви во финансиски инструменти како државни хартии од вредност на земји со висок кредитен рејтинг, поради тоа што овие финансиски инструменти имаат низок степен на ризичност и се високоликвидни.

Исто така, се додава во соопштението, централните банки започнуваат сѐ повеќе да инвестираат средства и во финансиски инструменти коишто се користат за финансирање проекти што придонесуваат за создавање „зелена“ и одржлива економија. Овие активности се дел од посеопфатните стратегиски насоки на централните банки, како општествено одговорни институции. Во овој контекст, како што наведуваат од Народната банка, се и последните измени коишто ги направи нашата централна банка во декември, во рамките на својот стратегиски план, при што во наредниот период се предвидуваат истражувачки активности за утврдување на ефектите од климатските промени и економските трошоци коишто ги предизвикуваат тие за економијата и финансискиот систем.

-Со учеството на гувернерката Ангеловска-Бежоска на овој настан во организација на БИС се потврдуваат заложбите на Народната банка за постојано следење на трендовите во централнобанкарската заедница, навремено спроведување на меѓународните стандарди и придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна линија би обезбедило повисок животен стандард и унапредување на квалитетот на животот за граѓаните, истакнуваат во соопштението.

Покрај активностите на централните банки во доменот на управувањето со девизните резерви, се разгледани и согледувањата изнесени во Годишниот извештај на Комитетот за централнобанкарска статистика „Ирвинг Фишер“, за лекциите од периодот на корона-кризата за статистиката.

Појаснуваат дека првата лекција се однесува на значителната потреба за висококвалитетни статистички податоци коишто треба да бидат сеопфатни, грануларни, флексибилни и интегрирани. Втората лекција е во врска со тоа што и покрај значителниот напредок постигнат во статистиката по Големата финансиска криза, сепак постојат одредени празнини во однос на базите на податоци, коишто допрва треба да се утврдат и овие празнини беа нагласени со пазарните движења во март минатата година. Третата лекција којашто произлезе од кризата со пандемијата, како што беше истакнато на состанокот, е нагласената потреба за продлабочување на достапните статистички податоци, повеќе од стандардниот опфат, особено во времиња на криза.

Учесниците на гувернерскиот состанок на БИС, како што наведуваат од Народната банка, беа децидни дека расположливоста на навремени, фреквентни и добро документирани показатели се покажа како неопходна за донесување соодветни економски одлуки во услови на криза. Препознавајќи го значењето на солидните статистички податоци, Народната банка во изминатиот неколкугодишен период засилено работи на унапредување на опфатот на статистичките податоци, усогласувајќи го со највисоките меѓународни стандарди. Истовремено, Народната банка презема и активности за појаснување на статистичките податоци и за нивно полесно разбирање од страна на пошироката јавност.

Би можело да ве интересира

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Ана Ололовска

Позначајни движења кај останатите финансиски институции (ОФИ): прв квартал на 2023 година

Ана Ололовска

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Самит во Црна Гора: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот во Штип: Дефицитот на тековната сметка во 2023 година ќе се намали при помали цени на енергентите

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, на среден рок ќе се сведе близу до историскиот просек

Горан Наумовски