Свештеникот Џон Залсдорф, кој служел во општината Медисон во државата Висконсин, е исклучен од страна на Католичката црква во САД, откако одржал церемонија на истерување на ѓаволот од американските претседателски избори, која ја пренесувал во живо на Фејсбук.
На снимката од мисата со силен политички предзнак, свештеникот вели дека луѓето сакале да ја знаат вистината за тоа дали изборите се наместени (како што тврдеше поранешниот претседател Доналд Трамп), а тоа не било можно додека тој не го истера ѓаволот од изборниот процес.
„Се работи за општото добро. Мораме да бидеме во можност да му веруваме на нашиот изборен процес, интегритетот на изборите, и да се помолиме за да ги задржиме сите демонски влијанија понастрана од сите луѓе, места и работи кои имаат врска со сертификацијата на гласовите, затоа што ја сакаме вистината, повеќе од што било друго, за да имаме доверба,“ рече свештеникот пред да го започне егзорцизмот.
По спорната снимка, која била емитувана на социјалните мрежи и реакциите од Црквата, Залсдорф тврдеше дека надлежниот бискуп Доналд Хајинг му дал дозвола за церемонијата. Хајинг, пак, рече дека дал дозвола да се истера ѓаволот во форма на пандемијата на коронавирусот, а не за „партиска политичка активност“.
По судирот со бискупот и реакциите од Црквата, Залсдорф спогодбено ја напуштил црковната општина Медисон и сега е „слободен свештеник“, јавија американските медиуми.