Со 35 индексни поени од 100 земјава го дели 111-тото место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година на Транспаренси интернешнел заедно со БиХ, Монголија и Панама што е најлошо рангирање од 2001 година од кога првпат беше ставена на ранг листата. Во однос на рангирањето од 2019 година бележиме пад од пет места иако имаме ист број на индексни поени, додека БиХ бележи пад од седум места со што двете земји се најлошо рангирани во регионот на Западен Балкан.
Како што истакна претседателката на Транспаренси интернешнел Македонија, Слаѓана Тасева на денешната прес-конференција, кај две третини од вкупно 180-те рангирани земји индексот е помал од 50 поени, а средната вредност на глобално ниво е 43 индексни поени што покажува дека во целиот свет се влошува состојбата со корупцијата.
-Во 2014 година сме биле рангирани на 64-тата позиција со 45 поени, а оттогаш наваму се бележи постојан пад. Најголемиот пад го имавме во 2017 година кога од 90-то се симнавме на 107-мо место. Лани бевме на 106-то, а сега сме на 111-то место. Бројот на индексни поени не е променет што покажува дека не се постигнуваат резултати во областите кои се содржина на истражувањата кои се користени за анализа на податоците за Република Северна Македонија, но имаме намалување во клучните области – владеење на правото и човековите слободи и права. Носителите на власта треба да сфатат дека со декларативно изразена политичка волја за борба против корупцијата, а без јасно изразени и видливи активности, резултати и ефекти од таа борба и понатаму ќе имаме резултати кои ќе укажуваат на многу висок степен на корупција. Неопходно е многу сериозно да се зафатиме со ефикасна и вистинска борба против корупцијата зашто политичките декларации не покажаа резултати, рече Тасева и додаде дека е очигледно дека само со политика и декларативност не може да се промени состојбата.
Анализирајќи ги резултатите за 2020 година, посочи, можеме да кажеме дека мерките кои се преземаат од страна на Владата и на другите институции вклучително и на судството и на Собранието и независните институции се недоволни.
– Мерките се уште се во сферата на декларативното без видливи резултати пред се во зголемување на ефикасноста на судството, започнување ефикасна реформа во судството. Неопходно е да се зајакнат сите активности за спроведување на ефикасна борба против корупцијата, а посебно против високата корупција која и понатаму останува недопирлива за органите на прогон и за правдата. Треба да се зајакнат и активностите за следење на финансиските текови и за несразмерните и незаконски богатења, но и да се зајакнат мерките за конфискација – да им се врати на граѓаните она што од нив е украдено затоа што сите пари кои се одлеваат како резултат на корупција се сопственост на граѓаните, оцени Тасева.
Потребно е, додаде, да се обезбеди и поголема транспарентност на институциите затоа што, како што рече, во услови на Ковид тие речиси да беа недостапни за граѓаните под изговор дека е намален капацитетот и бројот на вработените.
-Потребно е и целосно напуштање на политичките влијанија и пазарења во постапките за вработувања и обезбедување на конкурентност и подеднакви услови за сите при вработувањата, а со цел да се обезбеди ефикасна администрација која ќе биде професионална и компетентна до степен да обезбеди понатамошен развој на државата и континуитет во процесот за интеграција во Европската Унија, истакна Тасева и додаде дека е неопходно и да се зајакнат надзорните институции и да имаат ресурси и се што им е потребно, особено да се доекипира и доопреми ДКСК.
Потребно е, прецизира, и натамошно јакнење на демократијата и вклучување на граѓаните во сите одлуки кои ги носи Владата и поголем пристап до информациите од јавен карактер.
За нас, годинава, како што рече, се искористени седум истражувања за рангирањето исто како и во минатата година.
-Станува збор за нови истражувања спроведени во 2019 и 2020 година, од релевантни организации и на основа на утврдена и проверена методологија. Притоа не се забележани големи осцилaции во однос на бодувањето од минатата година. Позначителна осцилација во намалување на индексот од истражувањата се забележува кај индексот на World Justice Project Rule of Law Index, кој ја анализира состојбата во судството и владеење на правото, каде е забележан пад од 2 индексни поени, како и помала осцилација кај Freedom House, за 0,5 поени, рече Тасева.
Таа посочи дека го делат мислењето на претседателката на УО на Транспаренси Интернешнел Делија Фереира Рубио дека Ковид-19 не е само здравствена и економска криза, туку претставува и корупциска криза.
-Минатата година оваа криза ги тестираше владите и се покажа дека тие кои имаат повисок степен на корупција се помалку способни да се справат со предизвикот. Во државите кои имаат висок степен на корупција се покажа дека не постојат функционални болници и здравствени институции и има цели региони кои немаат лекари и болници за да ги прифатат пациентите болни од Ковид, додека високо рангираните држава за Индексот на перцепција на корупцијата многу полесно се справуваат и со Ковид-кризата, посочи Тасева.
Најдобро рангирани на Индексот за перцепција на корупцијата се Данска и Нов Зеланд со 88 индексни поени по што следи Финска, Сингапур, Шведска и Швајцарија со 85, Норвешка, Холандија, Германија и Луксембург со 84, а најлошо рангирани повторно се Сомалија и Јужен Судан. Во областа на Источна Европа и Централна Азија каде се рангира и земјава просечниот индекс на перцепција на корупцијата е 36, а за Европската Унија е 66 индексни поени. Од земјите на ЕУ повторно најниско рангирани се Унгарија, Романија и Бугарија со 44 индексни поени.
Индексот за перцепција на корупцијата е композитен и се прави на основа на 13 различни извори на податоци кои се изготвени од институции специјализирани во областа на истражувањата и најчесто се користат истражувањата кои ја анализираат состојбата во областа на владеењето на правото, човековите права и бизнис климата. Како извори на информации за изработка на индексот се користат податоците од последните две години. За секоја земја која се рангира мора да има најмалку три нови извори на податоци, односно од најмалку три нови истражувања по што се прави просек од секој извор поодделно.