„Македоника литера“ го објави новиот роман „Тивко рушење“ на хрватскиот писател Ивица Пртењача на македонски јазик.
Романот претставува тематско и мотивско продолжение на неговиот награден роман „Брдо“. Во делото авторот повторно се качува на „брдо“ (рид), но овојпат тоа се наоѓа во еден трошен стан во една загрепска улица. Главниот јунак, молер со диплома професор по литература, со својот помошник треба да ги истружат ѕидовите на еден стан и повторно да ги обојат. Се чини дека тоа е работа по негова мерка, зашто е прилично осамена рутинска работа, далеку од луѓето, во осаменост, токму како што сака тој. Но, човекот што ги ангажирал и неговата животна приказна ќе ги променат животите на сите ликови во романот, информира издавачот на книгата.
Како што се наведува во соопштението „Тивко рушење“ може да се смета како трета книга од своевидната трилогија романи во која се и „Добро е, убаво е“ и „Брдо“. Во сите три дела основниот тематски мотив е осаменоста, а главниот лик е антијунак. Овој роман е покомплексен од претходните и е напишан со чист поетски јазик, со стилски прецизни реченици, преполн со необични метафори. Тивко рушење е напишан како контрапункт на „Брдо“.
Инаку, авторот е роден во 1969 година во Ријека, каде што студирал југославистика на Педагошкиот факултет. Пишува поезија, проза, драмски текстови и колумни.
Негови дела се преведени на дваесетина јазици, меѓу кои и на македонски. „Тивко рушење“ е неговата четврта книга објавена на македонски јазик. Претходно во Македонија се објавени: „Добро е, убаво е“, „Суровост“, како и „Брдо“, за кој што се снима долгометражен филм.