Состојбите во Македонија и плановите на новото политичко раководство на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), беа тема на денешната средба на новоизбраниот претседателот на СДСМ Зоран Заев со амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс.
– Амбасадорот Волерс уште на самиот почеток на средбата го истакна значењето и улогата на силна опозиција како вистински коректив на власта. Тој јасно и недвосмислено го поздрави начинот на кој се одржа последниот, 14-ти Конгрес на СДСМ, и го оцени како демократски, се вели во соопштението од СДСМ по средбата.
Заев, според соопштението, нагласил дека СДСМ ќе продолжи со својот позитивен однос кон евроатланските интеграции на Македонија и ќе ги поддржи сите реформи за членство на земјата во ЕУ и НАТО, што било поздравено од амбасадорот. СДСМ ќе ја поддржи владата кога е во прашање националниот интерес на земјата, но ќе биде жесток критичар на она што не чини, посочил Заев.
Во однос на идните планови и насоки на политичко делување на партијата укажано е дека „новото раководство на СДСМ ќе изгради и ќе спроведува концепт поблизок до граѓаните, а СДСМ ќе биде партија на народот“.