Европската комисија денеска почна широка дебата за предизвиците и можностите што ги носи стареењето на европското општество.
Во следните децении, бројот на стари луѓе во ЕУ ќе расте и се предвидува дека до 2070 година, луѓето над 65 години ќе бидат 30 отсто од населението, во споредба со 20 отсто сега.
Во исто време, учеството на луѓето постари од 80 години се очекува да биде повеќе од двојно зголемено, на 13 отсто од населението во ЕУ до 2070 година, објави Европската комисија.
Исто така, се предвидува дека бројот на луѓе на кои потенцијално ќе им треба долготрајна помош и нега ќе се зголеми од 19,5 милиони во 2016 година, на 23,6 милиони во 2030 и 30,5 милиони во 2050 година.
„Зелената книга“ на Европската комисија – документот што е основа на дебатата, зборува за влијанието на демографскиот тренд врз економијата и општеството на ЕУ и ја повикува јавноста да ги искаже своите ставови за ова прашање на јавна дебата. Јавната расправа ќе трае 12 недели.