Веќе е поднесена иницијатива до Основното јавно обвинителство за случајот со директорот на болницата во Струга д-р Мухамед Асани и тој е повикан денеска во Владата, потврди денеска вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во текот на вчерашниот ден на д-р Асани му издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност во ординацијата која се наоѓа во неговиот дом. Стручен надзор за случајот врши и Лекарската комора.
-Да, веќе е поднесена иницијатива до ОЈО, тоа мислам Инспекторатот го направи вчера. Јас бев во целосна комуникација и координација со директорката на ДЗСИ, тимовите ги разгледаа сите прозивки, односно сите материјали, документи, информации коишто беа доставени до мене и до ДЗСИ, веднаш се реагираше на терен, направен е инспекцискиот надзор. Констатирано е дека таму постои ординација која што на некој начин е на диво и веднаш е дадено решение за забрана за вршење на дејноста во тие простории на докторот Асани. Стигнати се, како што кажавме, повеќе нотарски изјави каде што се констатира дека по 15 часот се вршени прегледи во тие простории каде што вчера веќе ДЗСИ даде решение за забрана и веќе е покрената постапка согласно закони до ОЈО, веќе се проследени сите документи и информации, рече Николовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој ги охрабрува граѓаните да пријавуваат вакви случаи за да можат институциите да постапуваат навреме.
-Веднаш реагиравме како Кабинет институционално со носење на сите одлуки со проследување на овој случај до ОЈО. За сите понатамошни информации денеска во Влада е повикан и директорот на оваа болница и секако дека ќе се преземат сите мерки коишто треба, но клучна е и постапката која што треба да се води преку институциите. Но, особено охрабрување да сите вакви случаи навистина ги разрешиме и да ставиме ред во овој контекст, така што преземени се сите активности во поглед на ова прашање, изјави Николовски.
Прашан дали Асани ќе биде разрешен, истакна дека секој ваков случај треба да се расчисти до крај и оти е клучно што веќе е поведена постапка до ОЈО.
-Институциите за брзо ефикасно време си ја завршија целата работа, проследени се сите пријави, материјали и информации, издадено е решени за забрана и секако дека ќе бидат преземени сите работи кои треба да се констатираат. Ова е направено на база на инспекцискиот надзор, а она што го знам од министерот за здравство е дека се очекува и стручниот надзор на Лекарската комора којшто е во таа болница и очекувам дека брзо и ефикасно ќе го завршат за да може до крај да расчистиме со секој случај. Секако дека кодексот за однесување на функцонерите на Владата е применлив и оваа Влада покажа и докажа од самиот почеток дека цврсто стоиме на тоа дека овие високи морални и етички вредности и стандареди кои с евнесени во новиот кодекс, а се однесува првпат за сите избрани и именувани лица, рече Николовски.
Како што соопштија вчера од Кабинетот на Николовски, ДСЗИ во ординацијата која се наоѓа во домот на д-р Асани, веќе изврши вонреден инспекциски надзор со полициска асистенција, како што налагаат правилата за надзор во објект каде нема обележано дека постои приватна здравствена устанува. При надзорот, е констатирано комплетно опремена гинеколошка ординација, нерегистрирана, односно за која нема никаков документ, како што се потребните дозволи за работа и за основање на фирма. Во меѓувреме, до ДСЗИ се пристигнати четири нотарски заверени изјави од пациентки, кои потврдуваат дека докторот во ординацијата сместена во неговиот дом им вршел прегледи по 15 часот. Една од пациентките во изјавата посочува дека во истата ординација, докторот ја контролирал нејзината бременост уште пред осум години.