Кинеската Влада денеска соопшти дека нејзините воени активности што ги спроведува во непосредна близина на Тајван се предупредување за мешањето на странците и за залагањето за независност на островот.
Портпаролката на кинеската канцеларија за Тајван, Џу Фенџијан, изјави дека кинеските воени вежби ќе покажат дека Кина е решена да ги заштити својот суверенитет и територијален интегритет.
-Тие се строго предупредување против надворешното мешање и провокациите од страна на сепаратистичките сили кои се залагаат за независност на Тајван, рече портпаролката.
Според тајванското Министерство за одбрана, 13 кинески авиони, од кои осум бомбардери и пет ловци, во саботата влегле во областа на Противвоздушната одбрана на островот, а Кина во неделата во истиот сектор испратила 15 авиони, од кои три бомбардери и 12 ловци.
Пекинг го смета Тајван за кинеска провинција и се заканува дека ќе го врати насилно во случај на официјално прогласување независност или странска интервенција.