Нема обрасци за изводи во Ѓорче, а пропаѓа и објектот: Не се планира реконструкција, нема пари

Од:

Со искршени прозорци, паднат дел од кров, влага, како во секој момент да ќе се распадне – вака со години изгледа објектот на Управата за водење матични книги во Ѓорче Петров. Речиси е невозможно да се затопли во зима, а неретко протекува и кровот кога врне дожд. Во време на пандемија, наместо преку шалтер, изводите се издаваат преку решетките на прозорците. Но денеска, и услугите беа и стопирани. Во Управата немаше обрасци за да се испечатат изводите. Граѓаните кои добиле порака дека изводите им се изработени и не можеа да ги подигнат, беа револтирани.

„Кога ќе има обрасци ќе ви се јавиме телефонски за да го подигнете“, им велеше вработен на дел од странките.

Секојдневно, од овде се издаваат десетици изводи, се примаат странки. Вработените кои поминуваат осум часа во објектот се жалат на условите за работа, а тоа го потврдува и портпаролката на Управата, Катерина Битровска за „А1он“. Таа вели дека се свесни за состојбата на објектот, но за друг немаат пари.

„Сега за сега, колку што јас знам, не се планира реконструкција, нема доволно средства, барани се од Владата. Дали ќе ги одобрат со планот за оваа година ќе видиме. Таман работа да не сме свесни, на сите тоа ни пречи, меѓутоа, има луѓе кои ги делат буџетските пари како што сметаат дека треба. Вие ќе си побарате колку што ви треба, но колку ќе ви одобрат е друга работа. Неколку години наназад веќе се бара. Или би го реконструирале објектот или би го преселиле во некој посоодветен, зависно од тоа што е поевтино. Немаме пари за купување, значи изнајмување или некој слободен државен простор да ни се додели со одлука на Влада, не знам, ќе видиме“, вели Битровска за „А1он“.

Портпаролката на Управата за водење матични книги вели дека колегите од Ѓорче Петров се жалат, но мора да работат бидејќи услугите мора да им се пружат на граѓаните. Посочува дека простории биле побарани и од Општина Ѓорче Петров, но освен за склучување бракови, за издавање изводи – досега не добиле.

„Нормално, се жалат, кој сака да работи во такви услови? Никој не ги прашува, работата мора да се одвива, услугите мора да се испочитуваат. Луѓето мора да добиваат изводи, да се склучуваат бракови. Фала Богу што ја имаме салата во Културниот дом, за малку од малку, венчавките да личат покултурни, софистицирани во тој објект, иако се склучуваат во рамките на пандемските протоколи. Нема таму нешто што не е проблем, во тој објект. Нема нешто што нема да ви пречи, таму се ви пречи. Ако мене ме прашате, некој од градоначалниците можеше да се заангажира и еден пристоен простор од 10-20-30 квадрати да се направи и да се додели со одлука или како и да е, за да има општината пристојно место за своите граѓани. Институцијата е таа, но ние немаме наши средства, ако ни додели Влада-во ред, ако не..“, вели Битровска.

Проблемот со условите во објектот на Управата во Ѓорче Петров трае со години и натаму останува нерешен.

Би можело да ве интересира

Арсовска: Кривични за градоначалникот на Ѓорче и министерот за транспорт – „Нема да дозволиме еколошка катастрофа на Скопје“

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Три хемиски фабрики во новиот ДУП за Ѓорче – „Загрозен животот на карпошани“, Јакимовски бара Уставен да го укине

Анита Петровска Рајковиќ

Левица: Скандалозен екоцид со амин на градоначалникот Стојкоски

А1он

Реакција на Општина Ѓорче Петров: Арсовска да не раскажува ловечки приказни, нека сработи нешто

Арсовска: Вработен во Ѓорче Петров имал дива депонија, општината била клиент, следуваат кривични пријави

Александар Тодески

Доделени изводи на неевидентирани лица во матичната книга на родените