На терените на „Ролан Гарос“ попладне на програмата се полуфиналните мечеви во женска конкуренција. Први на централниот терен „Филип Шатрие“ ќе се појават Марија Шарапова и Викторија Азаренка, а потоа е дуелот Серена Вилијамс и Сара Ерани.
Титулата ја брани Марија Шарапова, која има две победи на земјена подлога против Азаренка, но на грен слем мечевите поуспешна е Азаренка. Првиот меч почнува во 15 часот.
Вчера беа комплетирани и полуфиналните двојки кај мажите. Ланскиот шампион Рафаел Надал го победи Станислав Вавринка со 6:2; 6:3 и 6:1 по сетови.
Негов противник во полуфиналето ќе биде светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ, кој со 3:0 во сетови (6:3; 7:6 и 7:5) го победи германецот Томи Хас.
Машкото полуфинале ќе се игра в петок, а покрај мечот Надал – Ѓоковиќ ќе играат уште Жо Вилфред Цонга – Давид Ферер.
Ѓоковиќ изјави дека психички е подготвен и оти има време да се одмори и потполно концентриран да влезе во мечот со Надал.
– Знаев дека пред или подоцна ме чека дуел со него. Тоа е некоја врста на традиција овде. Тој е најголемиот предизвик на земјена подлога. Ако сакате до стигнете до трофеј, морате да го победите, изјави Ѓоковиќ.
Неговиот противник истакна дека знаел оти го чека меч со најдобриот тенисер на светот.
– Знам дека веќе долго време постигнува сјајни резултати, но ќе се трудам да ја играм својата игра, да најдам ритам и да одиграм најдобар можен меч. Само така имам шанса против него. Ќе се обидам, тоа единствено можам, изјави Надал.