Најмалку две лица загинаа во експлозијата што доведе до делумно уривање на зграда во центарот на Мадрид и предизвика пожар, изјави градоначалникот Хозе Луис Мартинез-Алмеида.
Тој додаде дека првичните информации покажуваат дека најверојатна причина за експлозијата е истекување на гас.
Градоначалникот на Мадрид, кој го посети местото на експлозијата, за локалната телевизија Телемадрид изјави дека не може да потврди колку луѓе се повредени.
Тој додаде дека не е причинета сериозна штета во училиштето што се наоѓа во близина на зградата.
Како што пренесуваат локалните медиуми, домот за стари лица, кој е сместен во зградата, е евакуиран, иако нема пријавено повредени меѓу неговите станари.
Во зградата живееле и свештеници каде подготвувале јадења за бездомници.
Полицијата го опколи местото на несреќата во Мадрид и ги повика граѓаните да ја избегнуваат областа.