Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, планира да ја почне својата нова администрација денеска попладне со први наредби за враќање на САД во Парискиот договор за климата и Светската здравствена организација, изјавија соработници на новоизбраниот американски претседател.
Бајден ќе потпише 17 извршни наредби неколку часа откако ќе положи заклетва како американски претседател.
– Со тоа ќе се ослободи од политиката на претседателот Доналд Трамп и ќе постави нови насоки за имиграцијата, животната средина, борбата против Ковид-19 и економијата, наведоа соработниците на Бајден.
Со потезите од првиот ден, тој ќе стави крај на многу нападнатата забрана на Трамп за посетители од муслимански земји и ќе ја запре изградбата на ѕидот на границата меѓу САД и Мексико за спречување на илегалната имиграција.
Тој исто така ќе постави мандат за носење маски на федерални имоти за да се запре ширењето на Ковид-19; ќе врати заштити на природните резервати отстранети од Трамп; и ќе бара замрзнување на иселувањата и заштита на милиони луѓе со хипотеки кои беа погодени од пандемијата на коронавирусот. Тој исто така планира да испрати предлог-закон до Конгресот за обнова на имиграциската политика и да им даде на милиони мигранти без документи кои живеат во земјата пат до државјанство што администрацијата на Трамп го оспоруваше.
Бајден „ќе преземе акција – не само за да ги поправи најголемите штети на администрацијата на Трамп – туку и да почне да ја движи нашата земја напред“, се вели во изјавата на соработниците.