Доделени наградите на „Астерфест 2013”

Од:

Во големата сала на Домот на АРМ во Струмица, синоќа беа доделени наградите на учесниците на годинашниот деветти по ред Интернационален фестивал на краткометражен, документарен и анимиран филм „Астерфест”.

Мегународното стручно жири во состав Јулија Кнчева од Бугарија, Томислав Алексов од Македонија и Лефтерис Филактос од Грција, годинава, првата награда „Златна потковица“ му ја додели на документарецот „Утре ќе живееме пак“ на режисерот Корина Гизен од Германија. „Сребрената потковица“ ја доби Манца Филак од Словенија за документарниот филм „Ќе те однесам на море”, а третата награда односно „Бронзена потковица” ја доби филмот „Кралството” на полскиот автор Бартош Крухлик.

Во категоријата на документарни филмови, жирито му додели специјално признание на авторот Желимир Гвардил од Србија за филмот „Сомнежи и тајни”,а за најдобар краток игран филм го прогласи „Шумарот” на Изер Алиу од Македонија.

Наградата „Старозлатен проектор” ја доби Том Ван Авермает од Белгија за краткиот игран филм „Умирање на сенката”. Специјалната награда за сценарио „Ѓорѓи Абаџиев“ на годинашниов „Астерфест” замина во рацете на Бранислав Милатовиќ од Црна Гора за филмот „Тоа е се”, а наградата за македонски автор, „Ацо Алексов” ја доби авторката Елизабета Коневска за филмот „Нашите во Стамбол”.

Тричленото жири им  додели специјално признание на авторите Џон Ласт и Џони Хурн од Британија за играниот филм „Кралот Џон, чин 4, сцена 1”. Во категоријата на анимиран филм,за најдобар на годинашниот фестивал беше програсен филмот „Телесна меморија” на Уло Пиков од Естонија, а специјално признание му беше доделено и на Жарко Иванов од Македонија за анимираниот филм „Кружно патување на сенката”.

Во рамките на програмата „Мувиленд”, во која годинава беше претставен словачкиот каток филм, за најуспешен беше прогласен филмот „Упатство за употреба” на режисерката Аница Гурикова од Словачка.

Во чест на наградените, синоќа беше прикажан филмот „За лубовните вештини” на годинашниот лауреат  Карпо Година, снимен во  1970 година во Македонија.

Директорот на „Астерфест”, режисерот Горан Тренчовски, годинашниов  фестивал го оцени како успешно продолжување на визијата за создавање на филмско и културно жариште во Струмица и Македонија како  дел од Европа и светот.

-Задоволни сме што и годинава направивме една вистинска светска манифестација, како со изборот на филмовите, така и со гостите кои не удостоија. Нашето мото „Зад деветото платно” само најавува една уште поуспешна и побогата јубилејна 10. година, чија подготовка започнува од утре, изјави Тренчовски.

Денешниот последен ден на “Астерфест 2013” е посветен на наградените филмови, кои вечер ревијално ќе бидат прикажани на големото платно во Домот на АРМ во Струмица.

Би можело да ве интересира

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ

Бред Пит ја откри улогата која му го промени животот: Научив многу

Предраг Петровиќ