Португалскиот економист Жоао Фереира до Амарал, чија книга „Зошто треба да го напуштиме еврото“ стана бестселер, смета дека само прашање на време е кога Португалија ќе излезе од европската монетарна унија.
– Порано или подоцна, Португалија ќе биде соочена со откажувањето од еврото. Тоа е неизбежно, изјави Фереира до Амарал.
Неговата книга, која е пуштена во продажба во април, е една од најпродаваните во Португалија во времето кога кризата во еврозоната се повеќе ги стега ремените и доведува до раст на невработеноста.
– Од еврозоната треба да се излезе, со цел таа да се стабилизира, за две или три години, без многу помпа, наведува Фереира до Амарал, заговарајќи враќање на старата португалска валута, ескудата, во договор со европските влади, Брисел и Европската централна банка.
Фереира до Амарал е познат економист во Португалија и се залагаше Португалија да не го усвои еврото во 1999 година.
– Согледав дека португалската економија неизбежно ќе трпи поради приклучувањето кон еврозоната, рече тој, критикувајќи го португалскиот Парламент, поради тоа што го одобрил усвојувањето на еврото без референдум, со што се откажал од основниот инструмент на политичка автономија – печатење на пари.