Шпанската Влада ќе испрати вакцини против Ковид-19 и помош во храна, во областа изолирана од снежното невреме „Филомена“, што предизвика невидени врнежи од снег во централна Шпанија, а четири лица загинаа во близина на Мадрид.
Војската и спасувачките служби извлекоа 1.500 луѓе од автомобилите што останаа завеани на патиштата.
Маж и жена се удавија во река кога автомобилот им потонал во надојдената вода во близина на Малага, додека на истокот од земјата бездомник почина од смрзнување. Четвртата жртва е пронајдена во Мадрид, под големо количество снег.
Главниот аеродром во Мадрид сигурно ќе биде затворен до попладнево, а околу 20.000 километри патна мрежа се покриени со снег и сообраќајот е отежнат.
Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка ги повика граѓаните да не ги напуштаат своите домови без потреба.
Мадрид е погоден од најсилната снежна бура од 1971 година, соопшти метеоролошката агенција.