Излезе од печат првата книга за локалитетот „Цареви Кули“ во Струмица

Од:

Излезе од печат публикацијата „Цареви Кули-Струмица (Од праисторијата до Римското Царство)-Книга прва“, која е плод на истражувањата во последните петнаесет години на еден од најпрепознатливите белези на Струмица, арехеолошкиот локалитет Цареви Кули.

Автор на монографијата е м-р Зоран Рујак, археолог, долгогодишен истражувач на овој локалитет.

– Еднодецениските истражувања на локалитетот Цареви Кули-Струмица дадоа непроценливи податоци кои се однесуваат на обидите на нашите предци низ вековите да го потчинат и приспособат овој простор во согласност со своите потреби. Почнувајќи од времето кога на сцената се појавуваат првите праисториски жители на Цареви Кули, па се до крајот на Втората светска војна, овој локалитет имал важна стратешка позиција која била ползувана на различни начини. И покрај тоа што иницијалните истражувања се однесуваа на неговата средновековна природа, овој локалитет се покажа многу покомплексен, односно составен од различни содржини создавани низ период кој се протега на безмалку седум милениуми, истакнува Рујак.

Монографијата е напишана во научно-популарен стил и нуди мноштво нови и поттикнувачи сознанија за материјалната и духовната култура во различни временски епохи. Таа претставува сведоштво за градот Струмица и обид да се расветли неговото богато културно-историско минато.

– Првата книга „Цареви Кули-Струмица“, со поднаслов (Од праисторијата до Римското Царство), ги обработува најстарите хоризонти на населувањето на локалитетот Цареви Кули. Почнувајќи од првата населба која изникнала во времето на халколитот (4850-4550 година п.н.е), преку населбата од бронзеното (2100-1550 годинап.н.е) и железното време (1100-1000 година пр.н.е), па се до слоевите од раната антика и хеленистичкиот период (од 4 век п.н.е до 1 век п.н.е). Во книгата се прикажани градежните активности, остатоците на архитектура и богатата материјална и духовна култура која произлезе од истражувањата на овие епохи, посочува авторот Зоран Рујак.

Издавач е НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј, Струмица“, а публикувањето на монографијата е поддржано од страна на Министерството за култура. Изданието е во тврд повез, во А4 формат. На нешто повеќе од 300 страници се прикажани резултатите од еднодецениските истражувања, почнувајќи од 2004 до 2014 година. Напишана е на македонски и англиски јазик и е богато илустрирана со над 550 колор фотографии, цртежи и планови, а на крајот е поместен и каталог каде се прикажани највпечатливите наоди.

Во тек е подготовка и на втората книга „Цареви Кули-Струмица (Од Римското Царство до доцен среден век)“ во која ќе бидат обработени материјалните остатоци и духовната култура на локалитетот, почнувајќи од I век, па се до XX век.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска