Филхармонијата не престана да работи и во екот на пандемијата

Од:

Филхармонијата е една од ретките културни институции во земјата, но и пошироко, што и покрај светската пандемија, ја реализираше концертната програма во целост.

Од почетокот на новата концертна сезона 2019/2020 година, Филхармонија реализираше уникатни музички настани со врвни солисти и диригенти, симфониски и камерни концерти, кои се одвиваа во големата и малата сала, со импресивна и атрактивна програма која претставуваше микс од т.н. класичен, железен репертоар и современите композиции. Сите настани се одржаа под строги мерки за заштита, според протоколите донесени од Владата за одржување настани во културни објекти.

– Поради состојбата со коронавирусот, го поделивме оркестарот на два ансамбли, а програмата ја адаптиравме за помали симфониски состави, со цел да се заштитат сите вработени во објектот. Среќна сум што од една страна, на љубителите на музиката и на артистите не им недостигаше сцената, живиот контакт со уметноста, а од друга, што успеавме во ова сурово и депресивно време да се справиме со „непријателот“ и да го сочуваме нашето достоинство, да одиме напред со здрав разум секако, не по секоја цена, да им дадеме на луѓето надеж за подобра иднина. Музиката е совршена форма на делување против неубавото. Сите концерти се прикажуваа и онлајн, така што, ниту оние кои одлучија да не дојдат во сала, можеа да сонуваат и фантазираат гледајќи ги и слушајќи ги нашите уметнички проекти и да се тргнат барем за миг од сивилото што како колектив не обои во тмурни бои, истакна директорката на Филхармонија, Тина Иванова.

Таа посочи дека се посебно горди за назначувањето на маестро Габриел Бебешелеа од Романија за шеф-диригент на оркестарот со тригодишен договор за работа, што за нив е од огромно значење за квалитативниот развој на институцијата. Исто така, таа истакна дека се горди и на тоа што почитуваниот маестро Конрад ван Алфен од Холандија стана почесен гостин диригент на Филхармонија.

Концертната сезона започна со концертот симболично насловен „Звук на два метри“, како што беше насловена целата програма за оваа година, на кој како диригент настапи маестро Габриел Бебешела. Солисти беа извонредните вокали од Германија, Корби Велч (тенор) и Хајке Веселс (сопран), а на програмата беше изведено маестралното дело „Песни за земјата“ од Густав Малер.

Годината беше заокружена на 24 декември со традиционалниот Новогодишен концерт, под наслов „Нова година-Нов почеток“ со маестро Џијан Емин како диригент, во со работка со Здружението на џез-музичари на Македонија.

Дел од концертите имаа и директен пренос на Националниот канал на јавниот радиодифузен сервис.

Следниот концерт во Филхармонија ќе се одржи на 28 јануари со диригентот Борјан Цанев и Ања Коловска на хармоника. Како дел од програмата вклучени се Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, „Песна и танец“ од Томе Манчев и „Орава“ за гудачки оркестар од Војцек Килар.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска